Росела Жардини е вистинска модна муза. 72-годишната дизајнерка од Италија негува женствен и модерен стил со кој мами воздишки и комплименти.
Ексцентричност, елеганција, комфорт и класика се испреплетени во нејзините модни избори и дизајнерски колекции.
Нејзиниот Instagram профил нуди неисцрпна инспирација за жените во поодминати години.
„Откако паметам за себе, ме привлекувала модата. Носевме фустани направени од кројачи и јас веќе одлучував за стилот на мојата облека. Кога имав 7 години, се сеќавам дека водев расправија со мајка ми за должината на мојот фустан“ – има изјавено Росела.
Росела е родена во 1952 година во Бергамо. Нејзиниот ангажман за Moschino започна во 1994 година, веднаш по смртта на основачот Франко Москино, и траеше две децении. Претходно, таа работеше во модните куќи Nicola Trussardi и Bottega Veneta. По напуштањето на Moschino, Жардини започна соработка со брендот Missoni.
„Сакам да останам запаметена како жената која го одржа жив споменот за Франко Москино“ - вели Росела, потсетувајќи се на својот добар пријател.