27 декември 2022 година, „Моден викенд Скопје“ ќе ја презентира најновата колекција на дизајнерката Мирјана Јосифоска. Настанот ќе се одржи во 19 часот во Центарот за дизајн и иновации „Јавна Соба“ во Скопје.
Најновата колекција на шапки и додатоци за коса наречена „Циклус/Cycle“ е инспирирана од боите користени во народните носии.
Станува збор за урбана и шик колекција која претставува нов израз на дизајнерката Јосифоска која како што вели: „Боите што ќе бидат искористени во колекцијата се бои што што можат да се најдат кај народните носии: бела, зелена, црвена, сина и црна. Секоја од нив има посебно значење за македонскиот фолклор. Белата претставува почеток и невиност, зелената - плодност и среќа, црвената претставува живот, љубов, војна и крв, сината- лојалност, меланхонија и тага, додека црната - смрт и крај. Всушност, инспирацијата за името на колекцијата „Циклус/Cycle“, доаѓа од значењето на секоја од боите - циклусот на животот опишан преку боите во македоскиот фолклор.“
„Во колекцијата на шапки се употребени високо квалитетни материјали: реупотребена 100% македонска волна, 100% свила и постава од вискоза. Како дизајнерка која работи на одржлив и еколошки дизајн, материјалите од природно потекло и текстилен отпад се совпаѓаат со мојата дизајнерска филозофија на одржливост. Со употреба на текстилен отпад (помали парчиња материјал што остануваат по кроење во текстилните работилници или од големите ролни) се намалува употребата и купувањето на нови материјали што можат да ја загадат нашата околина, а со тоа и се промовира идејата за рециклирање и циркуларност на текстилот“, рече Јосифоска.
Посебно изненадување ќе биде модната изложба на шапки и креации од колекцијата на дизајнерката веднаш по ревијата во просториите на „Јавна Соба“, каде што ќе може да се пробаат уникатните дизајнерски парчиња.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
За фото продукцијата беа задолжени Меланија Николовска и Лазар Лукиќ, додека модел Михаела Бошкоска.
Модното шоу, освен за претставниците на медиумите, е од затворен тип и можат да присуствуваат само поканетите гости.