Ако верувате дека лекот што го примате ќе ви помогне, тогаш си ги зголемувате шансите навистина да се случи тоа. Научниците откриле дека ставот на пациентите кон лековите може да влијае на нивниот ефект.
Истражувачи од престижните универзитети Оксфорд и Кембриџ направиле експеримент да утврдат дали пациентите со својата верба можат да влијаат на ефектот што го имаат лековите.
За целите на експериментот, научниците со помош на топлина им предизвикувале болка на 22 момчиња на листовите на нивните нозе. Истражувачите индивидуално ја прилагодувале топлината така што сите учесници да ја оценат болката со 70, на скала од 1 до 100.
Потоа, на секој од учесниците му било дадено лекарство против болка Remifentinal кое е силно како морфиум, но им било кажано дека тоа е само плацебо апче. Момчињата изјавиле дека чувствуваат помала болка и ја оцениле во просек со 55.
Кога повторно им бил даден истиот лек, но им било кажано дека навистина им е даден лек против болка, учесниците изјавиле дека болката им се намалила до 39.
На крајот, повторно им бил даден лек против болка, но им било кажано дека не примиле никаков лек. Учесниците ја оцениле болката со 64.
Експериментот уште еднаш го потврдува добриот ефект на позитивното размислување на пациентите во процесот на лекување.