Мозокот има моќ да лекува, тврдат научниците откако преку истражување откриле дека таблетите со плацебо ефект делуваат дури и кај пациенти кои знаат дека примаат лажни таблети.
Досега се веруваше дека плацебо ефектот се појавува затоа што телото е измамено само да го создава истиот ефект што би го создале соодветните лекови. Но, ново истражување на Харвард го става под знак прашалник тоа тврдење.
Истражувачите откриле дека плацебо таблетите делуваат дури и кај пациенти на кои изрично им било кажано дека тоа што го примаат не се вистински лекови. Научниците веруваат дека едноставниот „медицински ритуал“ го охрабрува мозокот да го активира процесот на лекување на телото.
За целите на истражувањето, 80 пациенти кои страдале од синдром на надразнети црева биле поделени во две групи. Едната група не добивала никакви лекови, а пациентите од другата добиле таблети со плацебо ефект, кои биле опишани како шеќерни бонбони и кои требало да ги пијат два пати дневно.
На втората група им било кажано дека таблетите немаат никаков медицински ефект и дека на кутијата од која се извадени пишува „плацебо“.
Кон крајот на третата седмица од истражувањето, скоро двојно повеќе пациенти кои пиеле плацебо таблети изјавиле дека имаат подобрување на состојбата, во споредба со групата која не примала никакви таблети.
Научниците се согласуваат дека самиот медицински ритуал на пиење на апчиња им помага на пациентите да се чувствуваат подобро.