Сите сме забележале дека некои храни нè прават посреќни и порасположени. Кон вашиот список на такви храни, каде сигурно е вклучено и чоколадото, сега можете да го додадете и помфритот.
Британските истражувачи тврдат дека пржените компирчиња го подобруваат расположението и смируваат. За да дојде до овој заклучок, д-р Мајк Грин, експерт по психологија сврзана со храната, создал експеримент во кој учествувале 60 мажи и жени. Ним им бил покажан 5-минутен филм за разорното дејство на атомската бомба фрлена во Хирошима во 1945 година.
Потоа, на половина од учесниците им било дадено списание, а на другата половина помфрит за да си ги одвлечат мислите. Секој од учесниците пополнил анкета за своето расположение. Резултатите покажале дека учесниците кои се чувствувале нерасположени поради филмот, се почувствувале подобро откако го изеле помфритот.
Истражувачите сметаат дека овој позитивен ефект се должи или на јаглехидратите кои што ги содржи помфритот или на тоа што мирисот и вкусот на компирчињата потсетува на среќни денови од детството.
Сè ќе беше прекрасно ако помфритот беше здрава храна, која што не дебелее. Но, бидејќи тоа не е така, ќе мора само повремено да се „расположуваме“ со ова вкусно јадење.