Легнувањето доцна навечер и станувањето рано следното утро е рецепт за срцев удар, предупредуваат научниците.
Недоволното спиење поради динамичниот начин на живот има огромни последици врз здравјето. Спиењето помалку од 6 часа дневно го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар.
Научниците откриле дека кај луѓето кои спијат помалку од 6 часа дневно, ризикот од појава на срцев удар се зголемува дури со 50%, а ризикот од мозочен удар со 15%.
За да дојдат до овој заклучок, истражувачите ги проучувале навиките за спиење на 475 000 учесници во 15 студии низ 8 држави, меѓу кои САД, Јапонија, Велика Британија, Германија и Шведска.
Освен што го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар, недостатокот на добар сон влијае негативно и на хормоните лептин и грелин, кои го контролираат апетитот.
Спиењето го покачува нивото на грелин и го зголемува гладот, а го намалува нивото на лептин кој ни го создава чувството за ситост. Како резултат на тоа, луѓето кои помалку спијат јадат повеќе, почесто се прејадуваат и почесто страдаат од дебелина или висок крвен притисок, кои од своја страна водат до зголемен ризик од срцев и мозочен удар.
Експертите препорачуваат да се спие најмалку 6-7 часа дневно и предупредуваат дека поспаноста и желбата за спиење подолго од 9 часа дневно може да биде сигнал за болест на срцето.