Во денешно време ретко кој не поседува мобилен телефон, ретко кој нема компјутер и ретко кој не е вклучен барем во една друштвена мрежа. Но, луѓето, особено студентите, не само што се навикнати да ги имаат овие нешта во својот живот, туку се и зависни од нив.
Истражување спроведено во 1000 универзитети во 10 земји, меѓу кои и САД, Кина и Велика Британија, покажало дека кога студентите ќе се „исклучат“ од технологијата, започнуваат да покажуваат слични симптоми како и зависниците од дрога.
Истражувачите заклучиле дека 4 од 5 студенти чувствуваат паника, збунетост и екстремна изолација кога се принудени да се откажат од своите мобилни, лаптопи или интернетот.
Во текот на истражувањето насловено како „The World Unplugged“, било побарано од студентите да се откажат од своите мобилни, компјутери, телевизијата, друштвените мрежи како Facebook и Twitter и сите нивни гаџети во текот на 1 ден. Повеќето од нив не успеале да го направат тоа и да поминат 24 часа без никаков контакт со технологија од таков тип.
Студентите кои се „исклучиле“ од технологијата ги опишале своите емоции со зборовите: раздразлив, вознемирен, несигурен, нервозен, неспокоен, луд, зависен, испаничен, љубоморен, бесен, осамен, депресивен и параноичен.
„Се чувствував како беспомошен човек на осамен напуштен остров во големиот океан“ – со овие зборови еден студент го опишал своето еднодневно исклучување од технологијата.
Научниците забележале дека „технолошката апстиненција“ придонела студентите подобро да комуницираат. Голем број на студенти изјавиле дека започнале да имаат посмислени и подлабоки разговори.