Џоти Амџи за својот осумнаесетти роденден доби подарок од Гинис. Малата Индијка, која е висока само 62,8 сантиметри, е прогласена за најниска жена на светот.
Ова не е прв рекорд за среќната Џоти. Во 2009 година таа беше прогласена за најниска тинејџерка.
„Прекрасно е да го прославам мојот 18-ти роденден со нов светски рекорд, тоа е како дополнителен роденденски подарок. Благодарна сум за мојата големина. Ако не бев толку мала, немаше да ги постигнам тие светски рекорди и можеби никогаш немаше да имам можност да ја посетам Јапонија, Европа и многу други прекрасни земји“ – пишува BBC, цитирајќи ја Џоти.
За да се потврди висината на Џоти, таа била измерена од доктор 3 пати во текот на 24 часа. Џоти заврши средно училиште и планира да се запише на факултет. Нејзиниот сон е да стане ѕвезда во Боливуд.
Малата Џоти е за 6 сантиметри пониска од претходната сопственичка на Гинисовиот рекорд. Само пред неколку месеци Бриџит Џордан официјално беше прогласена за најниска жена на светот. 22-годишната Бриџит е висока 69 сантиметри.