Јода е прогласен за најгрдото куче на светот. Со своите ретки и кратки влакна по телото, исплазен јазик и крупни истакнати очи, Јода ги освои срцата на публиката и судиите на натпреварот одржан во Калифорнија. Покрај незвучната титула Најгрдо куче, Јода доби и 1000 долари и голем трофеј.
Четиринаесет години старото куче е добиено со вкрстување на чивава и кинеско кукмасто куче.
Сегашната сопственичка на Јода го пронашла зад својата зграда и најпрво помислила дека е голем стаорец, но малку подоцна утврдила дека всушност се работи за напуштено куче.
Јода победи во конкуренција на околу 50 други кучиња, кои ги пленеа присутните со својот сладок и смешен изглед.
Натпреварот, кој се одржува веќе 23 години, има за цел да ја подигне свеста за напуштените кучиња и да ги поттикне луѓето да вдомуваат кучиња од шинтерница.