Дванаесетгодишно девојче од Бразил планира да направи голема промена во својот имиџ. Наташа Мораес де Андраде за првпат во животот ќе ја скрати должината на својата коса.
Бујната костенлива коса на Наташа достигнува должина од 1,5 метри, односно до нејзините глуждови.
Одржувањето на големата коса не е лесна задача. Трпеливото девојче издвојува по час и половина секој ден за да си ја исчешла косата. Неделно таа поминува по 4 часа во бањата за да ја измие својата коса и троши по еден цел шампон. Поради должината, Наташа мора да си ја носи косата во рацете за да не ѝ се зафати некаде.
„Си ја сакам косата и ќе бидам тажна кога ќе ја нема. Но, нејзиното одржување е голема мака. Не можам да правам многу работи, како часовите по физичко воспитување“ – изјавила Наташа.
Мајката на Наташа, Катарина Мораес, раскажала дека многу луѓе ѝ велеле никогаш да не ѝ ја потстрижува косата на својата ќерка бидејќи ѝ е убава и бујна. Но, сега Катарина ја охрабрува својата ќерка да посети фризер затоа што долгата коса ѝ создава многу пречки во животот.
„Во моментов таа е како заробеник. Само оди од дома до училиште. Не може да прави ништо друго, како спорт, затоа што косата многу ѝ пречи. Од училиштето ми рекоа дека треба да се потстриже за да има слобода како другите девојчиња на нејзина возраст. Време е да ја постриже“ – изјавила Катарина.
Наташа планира да ја продаде својата коса за околу 5.000 долари за да може да си ја реновира спалната соба. „Се надевам дека тоа ќе ми даде нов живот“ – рекла таа.