Ернестин Шеперд слободно можете да ја наречете супер бабичка. Благодарение на нејзиното цврсто мускулесто тело, 74-годишната Американка две години по ред влегува во Гинис како најстарата бодибилдерка на светот.
Амбициозната бабичка досега има истрчано 9 маратони и има победено на два натпревари за бодибилдинг.
Таа секој ден станува во 3 часот наутро за да медитира, а потоа 3 часа трча во блискиот парк. Освен тоа, Ернестин вежба и со тегови, а држи и фитнес часови.
Сигурно нема да ви се верува, но само пред помалку од 20 години Ернестин била полничка средовечна жена која цел живот го избегнувала вежбањето. Еден ден таа и нејзината сестра Милдред биле поканети на забава покрај базен. Незадоволни од изгледот на своето тело, тие не облекле костими за капење и наместо да се забавуваат, се жалеле од својот изглед. Тој ден нивна пријателка им предложила за се запишат на часови по аеробик, а сестрите веднаш се согласиле да пробаат.

56-годишната Ернестин и 57-годишната Милдред започнале упорно да вежбаат и веднаш забележале како нивното тело се менува на подобро. Кога нивниот тренер им предложил да вежбаат со тегови, Ернестин не сакала да слушне за тоа, но нејзината сестра ја убедила.

Со тек на време, двете сестри започнале да привлекуваат големо внимание и започнале да учествуваат на бодибилдинг натпревари. Тие си ветиле една на друга дека ќе продолжат да вежбаат сè додека не влезат во Гинисовата книга на рекордите.

Но, за несреќа, Милдер починала. Ернестин доследна на своето ветување пронашла сила да ја продолжи нивната мисија.
Денес таа е горда на своето постигнување. Кога пред една година го посетила Рим за церемонијата на Гинис, себе ја носела и пепелта на својата сестра.
„Тоа беше нешто кое двете го сонувавме. Се обидувам да го одржам тој сон во живот. Сега тоа е мој сон“ – изјавила Ернестин за Washington Post.

Ернестин живее заедно со сопругот со кого се во брак 54 години, со нејзиниот 53-годишен син и 14-годишниот внук. Незапирливата бабичка нема намера да прекине со вежбање.
Ви требаше инспирација за вежбање? Ја добивте.