Многумина ќе ја наречат луда, но Линеа Латанзио вели: „Не сум луда, но она што го правам е лудо“. Таа одгледува повеќе од 700 мачки и се смета дека е сопственик на најголемото засолниште за мачки на светот.
Својот голем имот кој се простира на површина од над 48 000m2 Линеа го претворила во центар за напуштени мачки. На огромниот имот нема кафези и мачките се движат слободно. Постојат одделни простории за медицинска нега и за хранење, а има и старечки дом за повозрасните мачки мирно да ги поминат последните денови од животот.
„Никогаш не ми беше дозволено да имам маче кога бев мала, а тоа беше единственото нешто што го сакав“ – изјавила таа.
Проектот на Линеа започнал пред 20 години, веднаш по нејзиниот развод. Таа посвоила 15 мачиња, иако имала намера да земе само 2.
„По една година веќе имав 96 мачки кои ќе беа успиени. По 3 години имав 350 мачки и како што се ширеше веста за мојот центар, така луѓето оставаа сè повеќе мачки пред мојата врата. До времето кога имав 350, ги знаев сите на име. Но, после тоа престанав да бројам“ – раскажала среќната мачкарка.
Месечно Линеа треба да обезбеди по 40 000 долари од донации за да може сите мачки да ја добијат потребната грижа. Заедно со тим од 25 волонтери таа успева да им го даде на своите миленици потребното внимание, но честопати треба да вади од својот џеб за да ги покрие трошоците.
„Го продадов мојот венчален дијамантски прстен и мојот Мерцедес за да ги покријам големите трошоци“ – признала таа.
Сепак, и покрај сето тоа, Линеа е пресреќна со она што го прави и вели дека ќе продолжи со напорната работа до крајот на животот. „Се будам среќна секое утро. Се чувствувам исполнета затоа што знам дека правам нешто добро за светот“ – додала таа.