Чандра Бахадур Данги вчера официјално од Гинис беше прогласен за најнизок човек на сите времиња. Претставници од Гинисовата книга на рекордите измерија дека 72-годишниот старец од Непал е висок само 54,6 сантиметри.
Данги веднаш доби две признанија – со првото се потврдува дека тој е најнискиот човек на светот, а со второто дека е најнискиот човек регистриран од Гинис кога било досега.
„Многу сум среќен. Сега сакам да патувам низ Непал и во други земји“ – изјавил Данги. Тој признал дека нема желба да се жени или да има свое семејство, но дека сака колку што е можно побрзо да се запознае со премиерот на Непал.
Данги има пет повозрасни браќа и сите се со нормален раст. Поради висината, тој никогаш не работел надвор од домот. Иако неговата глава е со нормална големина, телото му е премало. И покрај тоа, тој никогаш немал посериозни проблеми со здравјето.
Смелиот старец има намера заедно со своето семејство да започне да собира пари за хуманитарни цели за него и за неговото село. „Ќе го искористам ова за мојата земја да се гордее“ – рекол тој.
Титулата најнизок човек на светот претходно ја имаше Џунреј Балавинг кој е висок 59,9 сантиметри.
Најнискиот човек кога било регистриран од Гинис досега беше Гул Мохамед од Индија, кој починал во 1997 година, а бил висок 57 сантиметри.