Апо Ванг-Од или Марија Огај е најстарата личност која досега има добиено насловна страница на „Вог“.
106-годишната тату артистка сними фотосесија за филипинското издание на модното списание и фотографиите инстантно се распространија низ светот.
„Животот на Апо Ванг-Од е впишан на нејзината кожа, од достигнувања до болести и имиња на одамна изгубените љубовници. Ја раскажува приказната за храброста, убавината и богатото наследство на племето Калинга“ – пишуваат од „Вог“.
Ванг-Од честопати се смета за последната и најстарата личност од „мамбабаток“, традиционални артисти од племето Калинга кои ја изучиле старата техника за рачно тетовирање Баток. Таа ја учела оваа техника уште од тинејџерските години под иструкции на нејзиниот татко.
„Јас сум единствената останата која сè уште прави тетоважи. Но, не се плашам дека традицијата ќе заврши, бидејќи ги учам следните тату мајстори“ – изјавила таа.
„Традицијата ќе продолжи сè дури има луѓе кои доаѓаат за тетоважи. Ќе го правам ова сè додека гледам добро. Ќе запрам само кога ќе ми се влоши видот“ – додала Ванг-Од.
Ванг-Од немала свои деца на кои ќе им го пренесе овој занает, па затоа одлучила да ја обучи својата внука Грејс.
Жените во ова племе кои немале тетоважи се сметале за непосакувани и несовршени. Тетоважите биле симбол за плодност и разубавување.
Најстарата личност која претходно се има појавено во издание на „Вог“ беше Џуди Денч на 85-годишна возраст.