Стефанија Стојчевска е девојка од Битола која изработува колачиња и слатки куќички на кои тешко кој може да одолее.

23-годишната апсолвентка на Економскиот факултет во Прилеп работи во компанија за телефонски уреди, а има и голема љубов кон театарот. Таа пет години е актерка во театарот Дел Арте и Празни Муабети.
Но, јавноста сè повеќе ја запознава како девојката која ги прави најубавите колачиња и украсни божиќни куќички од тесто направено со ѓумбир и цимет.
Стефанија креира и полуприготвен сет за куќичките од ѓумбир, за нејзините клиенти да можат да ги состават сами дома или заедно со малите дечиња.
Како започна оваа твоја слатка приказна?
– Од идеја за подарок, зошто навистина сакам да создавам нешта со голема прецизност во кујната, до мал бизнис кој со тек на време сѐ повеќе и повеќе се развива.
Имено, барав да купам сет за Gingerbread куќичка, не најдов никаде и тогаш се решив сама да направам. Ја испеков, ставив колачиња, бонбони, лижавчиња и направив и фил. Ја подарив на мојот дечко кој беше пресреќен и тогаш тој предложи да почнеме да ги продаваме. Бев голем скептик, но со помош на наши пријатели успеавме да се пробиеме и да слушнат за нас.
Така, пред точно една година започна оваа моја магична приказна во светот на тестото кое создава магија.


Дали ова го правиш само околу празниците?
– Започнав со идеја тоа да биде само околу Нова Година, но со тек на време почнавме да правиме колачиња и кутии за сите празници и за секакви пригоди. Правиме колачи по желба на клиентот, а правиме и колачи и по наш дизајн со персонализирани слики.
Зошто твоите божиќни куќички се посебни?
– Мојата идеја беше двојна. И да правам полуприготвен сет, кој би го купувале родителите за децата и заедно би го ставале украсниот финиш кој го пакувам како додаток, за кој исто така треба време и напор, но убаво е кога нешто ќе знаете дека сте го завршиле сами. Исто така продавам и комплетно украсени куќички.
Ги правиме со голема посветеност и љубов заедно со мојот дечко, без чија поддршка не би можела. Трагаме по оригинални рецепти кои нè донесоа до можеби најпопуларното божиќно колаче во Германија. Ова е ѓумбир-колаче кое најчесто се прави со мед и многу зачини, а понекогаш се додава и марципан. Такви се и куќичките.
Уште еден интересен податок – традицијата на изработка на слатките декоративни куќички со вкус на ѓумбир започнале токму во Германија. Така што ова не беше само идеја за бизнис, туку и мало истражување.


Колку време е потребно за нивна изработка?
- За изработка на овие колачи потребно ни е еден ден или два, повеќе време одзема украсувањето на колачите, за разлика од печењето кое оди многу побрзо.
За да успее сето ова вложивме многу труд и посветеност и не се откажавме.
Сето ова го започнавме пред една година и на старт имавме само 30 нарачки, оваа година сме бомбардирани од повици и пораки, а тоа нè прави навистина среќни. Ги користиме социјалните медиуми за промоција, а оваа година одличен настан на кој се претставивме беше „Зимска приказна“ - празничниот фестивал во Битола кој се случи пред Офицерски дом и илјадници наши сограѓани нè посетија на нашиот штанд каде што ги претставивме нашите производи.


Какво е чувството да се продава производ кој луѓето ги прави среќни?
- Посебно убаво. Ја гледате широката насмевка, добивате стотици фотографии од среќни лица кои добиле колачиња или куќичка како подарок. Се радувале кога сами ја довршување.
Магичната атмосфера на Божиќните и Новогодишните празници е посебна. На луѓето им е потребна радост. За среќа и ние стануваме дел од светот кој уште на старт на декември ги чувствува празниците. Сум патувала и сум гледала како веќе од првите денови од декември се трансформираат улиците на градовите, купувајќи сјајни венци и стотици новогодишни слатки украси.
Една од тие традиции во светот е и Божикната куќичка. И покрај тоа што овој свечен атрибут кај нас доаѓа покасно, ме радува фактот што станува убав потсетник на празникот. И не е само поврзана со категоријата деликатеси… убавината на куќичките овозможува да се користат како празничен декор.
Убав е мигот да живеете за празниците како во приказните на Браќата Грим.


SvS boxes е тука за да направи магија во Вашиот дом.