Болоња крие многу атракции кои до ден-денес ги привлекуваат туристите. Дел од нив се кривите кули Асинели и Гарисенда, кои потсетуваат на познатата крива кула во Пиза.
Овие објекти биле изградени во 11 век од семејствата Асинели и Гарисенда, по кои и биле именувани.
Во минатото, моќните семејства граделе високи кули кои го претставувале нивното богатството. Колку повисока кулата – толку поголем престиж. Денес, во Болоња се останати само овие две кули и истите се симболи на италијанскиот град.
Во четиринаесеттиот век, помалата кула Гарисенда била скратена околу 12-тина метри, со цел да се спречи нејзиното рушење. Денес, таа има висина од 48 метри и е повеќе накосена.
Кулата Асинели најпрво била изградена со висина од 70-тина метри, а подоцна била доградена и денес е висока 97,2 метри. Во 14 век, Асинели преминала во сопственост на градот и се користела како затвор и мало упориште. Во овој период, била додадена дрвена конструкција околу кулата на висина од околу 30 метри над земјата. Бил поставен мост кој ги поврзувал двете кули, но истиот подоцна бил уништен за време на пожар.
Сите туристи имаат можност да се искачат на врвот на кулата Асинели и да уживаат во прекрасниот панорамски поглед на градот. До врвот водат 498 скали.