Фотографиите од Јулија Винс пред година и половина го обиколија светот и оттогаш младата Русинка привлекува големо внимание со невообичаениот изглед.
18-годишната девојка поседува нежно, женствено лице и силно, мускулесто тело кое потсетува на билдер. Кревањето тегови е нејзина омилена активност, а од неодамна таа започна и да се натпреварува.
„Луѓето ме знаат како мускулестата Барби... Поради лицето, отсекогаш ми велеле дека личам на кукла. Имам големи убави очи и се шминкам, но во исто време сум силна. Сакам да станам колку што е можно поголема“ – изјавила таа за Daily Mail.
Откако Винс стекна „интернет слава“, постојано добива најразлични коментари. „Секој има свое мислење за мојот изглед. Или ја почитуваат мојата работа или ме укоруваат што сум мускулеста девојка“ – рекла таа и дополнила дека момците кои ѝ упатуваат негативни коментари воглавно го прават тоа од љубомора.
Јулија започнала да вежба на 15-годишна возраст. „Како и многу други девојки, гледав кај себе многу недостатоци и се стремев да ги поправам“ – изјавила таа за рускиот портал Woman.
Пред да започне да вежба со тегови, Јулија чувствувала дека нејзиното тело не е во хармонија со нејзината душа и не се чувствувала удобно во својата кожа. Според неа, сето тоа се променило со растењето на нејзините мускули. Денес таа е задоволна од постигнатото, но не планира да запре.
Неодамна Јулија влезе на листата „Топ 15 необични луѓе во Русија“.