Физичкото, вербалното, односно, психичкото, социјалното и сајбер-насилството се дел од животот на децата во Македонија, уште од најрана возраст.
Токму затоа, компанијата „Макпетрол“ создаде кампања против врсничкото насилство кај децата, која за кратко време се рашири низ целата држава.
Откако се одржуваа едукативни работилници за децата во многу училишта, сега фокусот на „Крени глас“ се пренасочи кон родителите.
Во кампањата за решавање на овој сериозен општествен проблем, стручен соработник е психологот Деспина Стојановска.
На една од сесиите, таа зборуваше за вокабуларот на децата и рече дека тој е богат со навредливи, а сиромашен со позитивни и охрабрувачки зборови.
„Заклучокот ми е дека децата немаат вокабулар на позитивни зборови, зборови со коишто ќе пофалат, ќе поттикнат свое другарче. Едноставно немаат. Ако барате да набројат погрдни зборови ќе ви кажат многу, а ако побарате пофален збор да му кажат на другарчето, најчесто ќе ги слушнете како велат: ‘Убава ти е блузата', ‘Убави ти се патиките’, ‘Косата ти е убаво испеглана’ и тоа се нели пофалби за некој надворешен изглед. Но, за лична карактеристика не постои вокабулар. Емпатија, што е тоа, како изгледа, како се гради“ – вели Стојановска.
„Врсничко насилство не е нешто ново, познато ни е и од поодамна, меѓутоа често слушам како се поистоветува со карање, конфликт, подбутнување на децата. Меѓутоа насилството како насилство, велам врсничко, има свои специфики кои е добро да ги препознаеме, затоа што токму тие ги носат сериозните последици кај децата, коишто понатаму развивајќи се во возрасни луѓе остануваат долготрајно во личноста и ја формира детето сликата за себе, имајќи ги на ум тие некои последици“ – објаснува Деспина.
Стојановска посочува дека многу е важен примерот кој родителот го поставува за детето, бидејќи тоа на некој начин ги копира постапките на мајката или таткото.
„Она што јас го имам како впечаток е дека во последно време, или да речам последната деценија, децата гледаат модел од своите родители како тие се борат за моќ. Во каква борба на престиж влегуваат со нивните колеги, соседи, соработници, надворешни, внатрешни. И тоа го зборуваат дома. Децата не само што не ги гледаат вредностите како мирољубиво можеме да соработуваме со некого, туку и уште повеќе гледаат дека дозволено е да погазам некој друг за да јас бидам во право. И тоа е модел којшто децата го прераскажуваат понатаму на нивни детски јазик. Тие нема да ги направат истите однесувања како родителот, меѓутоа чувството, задоволството, потребата за лидерство кога ќе биде задоволена, некаде доживувањето е на исто рамниште.“
„Кај некои дечиња нема да се појави емпатија. И тие ќе го повторуваат тоа, особено кога ќе забележат дека постои детенце коешто не е така подготвено да се спротивставува на таквата агресија, односно е склоно кон тоа да се повлече, да се потисне себеси, да опадне неговата самодоверба и да влезе во една улога на жртва“ - посочи таа.
Погледнете и други видеа од овие едукативни работилници: