По ненадејната смрт на сопругот, жена научи да го живее секој ден најдобро што умее.
Деби Вилкинс преку текст им порачува на дамите да не ги чуваат убавите нешта за некоја специјална прилика, туку да си го прават секој ден специјален. Деби, која е мајка на четири момчиња, цел живот ги чувала скапите нешта кои ги поседува за неколкуте значајни денови во годината како празници, годишнини, родендени...
Но, смртта на сопругот целосно ѝ го променила погледот кон светот, па сега таа се обидува да им ги пренесе научените лекции и на останатите луѓе. Еве го нејзиниот текст:
Оваа недела е монументална. По 15 години, го завршив шишето парфем од Victoria’s Secret. Само посакувам да го имав испразнето порано.
Тој беше луксуз кој го чував за посебни прилики, бидејќи не беше евтин. Со години го штедев овој декадентен парфем за вечерни состаноци и за празници. Беше премногу фенси за секојдневна употреба.
И потоа, без никакво предупредување, станав вдовица.
Мојот сопруг беше тука во една минута, а го немаше во следната. Неверојатно. Нефер. Трауматично.
Но, требаше да умреме во сон на 90 години! Требаше да се пензионираме и да одиме на едрење. Децении ни беа одземени!
Одеднаш, го гледав животот низ различни леќи.
Одеднаш, секој еден ден стана специјална прилика.
Секој ден во кој вдишувам и издишувам е драгоцен дар од Бог за мене.
И одбивам да го пропуштам.
Нема да го одложувам уживањето во големите или малите нешта, бидејќи животот ми испарува.
Започнав по неколкупати секој ден да се прскам со луксузни парфеми. Започнав да ја носам мојата фенси долна облека секој ден од неделата (дури и белата свилена облека). Пред да се упатам во продавница, си ги ставам оние долги висечки обетки кои порано ми беа резервирани за во луксузните ресторани.
Ќе го славам вообичаеното и ќе го споменувам секојдневието. Ќе направам сè за да го ценам обичното и да уживам во просечното.
Ќе направам секој ден да се брои.
„Ова е денот што Бог го создаде. Да се радуваме и да бидеме среќни“ – Псалм 118:24.