Талентираниот Ајдин Османовиќ и неговиот ментор Јасмин Брашњиќ од Босна и Херцеговина беа гости кај македонскиот претседател Стево Пендаровски.
12-годишното момче со волшебен глас и неговиот професор постојано ги оживуваат звуците на македонската народна музика и привлекуваат само комплименти. Ајдин ја изведе „Зајди Зајди“, а Пендаровски уживаше во неговото пеење.
„Волшебен глас и волшебна насмевка го одликуваат младиот Ајдин Османовиќ, од Сребреник, Босна и Херцеговина. 12 годишниот Ајдин фасцинира со изведбата на македонски традиционални песни. Меѓу омилените му се „Јано мори“, „Македонско девојче“, „Зајди Зајди“, „Јовано Јованке“. Вели дека не му е тешко да пее на македонски, иако не му е мајчин јазик. Ајдин поседува талент кој несомнено ќе му донесе големи успеси“ – напиша Претседателот.
Брашњиќ се заблагодари во свое име и во име на Ајдин. На Facebook, тој напиша:
„Со големо задоволство ви ја изразувам мојата искрена благодарност за времето и исклучителното признание што ни го доделивте за придонесот во зачувувањето на македонската традиционална народна уметност. Вашиот гест не само што ни е исклучително важен и ценет, тој всушност претставува голема чест за нас, но и за целата уметничка заедница.“
„Со малиот Ајдин се обидовме да ги оживееме тие прекрасни звуци и мелодии. Преку нашата уметничка работа, сакавме да ја пренесеме душата на македонската народна музика низ светот, за да им го привлечеме вниманието на младите генерации и со тоа да ги поттикнеме да го ценат ова единствено културно наследство.“
„Во име на малиот Ајдин и во мое лично име можам да ви ветам дека ќе ја продолжиме нашата мисија, следејќи го патот што го трасираа големите уметници пред нас“.