Моника и Никола се брачен пар, кој медениот месец одлучи да го искористи за истражување на Италија. Заљубените авантуристи тргнаа на 10-дневно патување, а за превозно средство избраа веспа.
Прочитајте ја нивната приказна и прошетајте со поглед низ Италија преку нивните фотографии:
Планот за нашето патување, во име на нашиот меден месец, го креиравме подолго време, водејќи се од нашата голема желба да ја посетиме Тоскана со мотор како целна дестинација.
Двајцата сме авантуристи по природа и уживаме со возењето со мотор. За Италија тргнавме со веспа пиаџо х 10, за која многумина од Италијанците ни се воодушевуваа како сме стигнале дотаму, бидејќи сепак не е патнички мотор. Покрај истражувањето на Македонија и Грција, Италија беше одамнешна желба да ја извозиме. Во 10 дена поминавме низ 15 градови. Љубовта кон Тоскана се роди по филмот „Under the Tuscan Sun”. Ноќевањата ги резервиравме ден за ден. Сè што ни требаше беше желба, храброст и средства.
Тргнавме со мотор до Драч и таму се качивме на фери брод до Бари. Патувањето беше долго. Штом се симнавме од траектот, веднаш се почувствува италијанскиот мирис и автентичната архитектура. Со голема возбуда возевме до Наполи, кој беше наша прва дестинација.
Наполи
Градот за кој пее Дин Мартин, романтичен, хаотичен, каде што се наоѓаат најдобрите театри и куќи на операта во светот. Го нарекуваат и музеј на отворено поради бројните статуи и монументи. Единствено на што не наидовме во Наполи беше ноќен клуб.
Соренто, Амалфи
Воодушевувачка убавина. Соренто е познат по лимоните и напитокот лимончело. Стариот град е прекрасно место опкружено со шарени улички и мали сокачиња, прекрасни продавници. Амалфи е непроценлива убавина која се издвојува од секое место во Италија. Имавме прилика да го извозиме цел брег со мотор и тоа е чувство што ве полни со енергија и колоритна глетка. Убавина за очите.
Позитано
Волшебно селце на карпа, романтично место кое мене ми беше омилено во целото наше патување. Мулти обоени куќички во залив - одлично место за прошетка. Градот е опкружен со маслинови дрвца, а воздухот во Позитано импресионира со вкусни мириси.
Минори
Има погодна локација која го прави идеална основа за истражување на целото крајбрежје на полуостровот Соренто, додека неговата опуштена атмосфера и широк спектар на услуги, од ресторани до клубови на плажа, изобилува со своја посебна убавина.
Рим
Градот на културата и историјата. Беше премногу топло и затоа во Рим поминавме само неколку часа. Ги посетивме Колосеумот, Фонтаната ди Треви, Шпанските скали и Ватиканската палата и продолживме за Чивитавекија, што во превод значи древен град. Преубаво туристичко градче, има поморско пристаниште и светилник. Навечер тука е прекрасно за прошетка. Високата класа од Римското време доаѓала тука на одмор како најблиско место до Рим. Тука се наоѓа и познатата статуа на двајцата вљубени морнар и медицинска сестра од времето на Втората светска војна.
Ливорно
Ливорно е најголемото пристаниште во Тоскана. Се наоѓа на 20 километри јужно од Пиза, типичен европски пристанишен град, хаотичен и жив, приморски град кој е водена релација до околните градови. Ливорно има многу да понуди, од море и култура, до храна и вино.
Пиза
Во Пиза ја посетивме кривата кула и јадевме прекрасна италијанска храна на познатиот Дуомо во Пиза, каде вкусивме преубава паста со тартуфи и тосканско бело вино. Тоа беше наша попатна станица до Лука. Лука е преубаво тивко роматично градче. Прошетавме низ ѕидот на Лука, Сан Донато портата, замокот и вечеравме на плоштадот пропратени од уличен музичар, кој во вистинска смисла ја долови романтичата атмосфера со незаменливата италијанска музика на плоштадот во Лука.
Виареџо
Го искористивме како место за плажа и оддишка од долгото патување. За жал, не можевме да пливаме поради големите бранови и бројните медузи во морето тој ден.
Фиренца
Ах, Фиренца, романтична, полна со знаменитости, еден од градовите со најголем број на интересни места за посета, едноставно прекрасна.Беше тоа цел ден романтика, шетање по Пјаца дел Дуомо и ќе се загледате во катедралата и крстилницата Сан Џовани и тешко е да не се воодушевите од монументалноста што ве опкружува. Вечерта со нетрпение го чекавме популарното зајдисонце кое најубаво се гледаше од мостот на реката Арно.
Сан Гимигнано
Олицетворение на тоскански ридски град. Ни остави голем впечаток инфраструктурата посебните градби и тесните улички. Во центарот на градот се наоѓа Пјаца де ла Цистерна, именувана по цистерната што ја опслужува стариот бунар што стои во центарот на овој плоштад. Рустични, но горди фасади се толчат во тесната гужва околу бунарот. Оттука си купивме сирење во неколку вкусови кое беше карактеристично за тој предел.
Сиена
Неверојатно убав средновековен град во Италија. Срцето на Сиена е нејзиниот централен плоштад познат како Ил Кампо, ширум светот познат по трката со коњи Палио, која се вози околу плоштадот двапати секое лето. Филмската публика ширум светот може да ги види Сиена и Палио во филмот за Џејмс Бонд, „Quantum of Solace“.
На заминување од Сиена кон Тиволи ја посетивме долината Вал д'Орчија. Средновековни замоци, шкрги жабри, антички села, прекрасни фарми, изолирани домови, патишта покриени со чемпреси, прекрасни лозја и маслинови градини и златни полиња со жито и сончоглед, ова се само некои од елементите што ги формираат фантастичните и хармонични пејзажи на Вал д'Орчија. Оваа богата зелена долина, која ја опфаќа реката Орчија и од каде го добива своето име, се наоѓа во јужна Тоскана, која се протега помеѓу провинциите Сиена и Гросето. Целата област е заштитена како светско наследство од УНЕСКО.
Тиволи
Mало гратче во Италија има свои уникатни карактеристики и атракции. Тиволи се наоѓа на периферијата на Рим, патот од главниот град на Италија до античкиот град е околу 25 км. Овој италијански град е познат по својата пријатност, пријателски расположени луѓе, бројни продавници, семејни ресторани и необични природни атракции и минерални води. Од славините во Тиволи не тече обична вода, туку газирана. За еден ден во Тиволи може да се види прекрасната и величествена тврдина Рока Пиа, подигната во средината на 15 век, античката катедрала Свети Лоренц. Покрај тоа, интересни се масивните готски врати и пријатната храмска капела, вилата Грегоријана и најпознатата Вила д’Есте со ренесансната архитектура и италијанските градини која е запишана во списокот на УНЕСКО на заштитени Светски градини. Во Тиволи ги пробавме познатите супли од леб и ориз, фокачо и познатото пиво Перони.
Беневенто
Беневенто е прекрасен град сместен во зелена средина и опкружен со Кампанските Апенини, помеѓу реките Сабато и Калоре. Беневенто е познат и како „град на вештерките“ од кога Ломбардите пристигнале во градот и вовеле некои обичаи, како танцување околу оревите, што ги плашело христијаните од Беневенто. Сместувањето ни беше подалеку од центарот, но со преубав поглед на цел град каде уживавме во смиреноста на Беневенто, преубавите домашни кроасани и летниот дожд кој ни даде оддишка и сила за следниот ден.
Арбелобело
По заминување од Беневенто се упативме во Арбелобело како наша претпоследна дестинација. Необично гратче кое се наоѓа во провинцијата Бари. Место како од бајките, чии живеалишта имаат автентични кровови, кои потсетуваат на шапките карактеристични за овие предели од 14 век.
Бари
Градот на Свети Никола. Во Бари го чекавме траектот до Драч во доцните часови и немавме многу прилика да го доживееме, освен шеталиштето на Бари, пространоста и бројните улици, кој го карактеризираат Бари како главен град на Апулија.
По деветчасовно патување со траект пристигнавме во Драч. Патот од Драч до Скопје беше долг, времето претопло, но нас нè држеа импресиите од Италија и со нетрпение чекавме да се вратиме во Скопје и да раскажеме за нашето патување. Италија на две тркала вреди да се доживее. Прекрасна земја особено доколку ја доживееш на отворен пат со мотор, бидејќи ја чувствуваш слободата, воздухот, природата. Возевме по 250-300 километри дневно со попатни паузи, но не се чувствуваше тежината на патот бидејќи постојано во околината имаше природа и интересни предели кои изобилуваат со посебниот италијански дух. За нас ова беше прекрасно и незаборавно искуство.
Италија е прекрасна земја особено доколку ја доживееш на отворен пат со мотор, бидејќи ја чувствуваш слободата, воздухот, природата. Патувањето со мотор е поевтина верзија од автомобил, иако воземе по 250-300 километри дневно со попатни паузи, не се чувствуваше тежината на патот бидејќи постојано во околината имаше природа и интересни предели кои изобилуваат со посебниот италијански дух и мирис. За нас, ова беше прекрасно незаборавно искуство.