Почетна » Новости » Занимливости » „Писмо до мојот син на првиот училиштен ден“

„Писмо до мојот син на првиот училиштен ден“

Денес е 1 септември, ден кој за многу од нас носи нови почетоци, нови предизвици, нови авантури и нови искуства. Некои ученици се враќаат повторно во школските клупи, а други за првпат седнуваат во нив, но сите родители на деца на школска возраст им посакуваат сè најубаво на нивните „малечки“.

Дете

Татко со писмо со лекции му посака на синот „Среќен почеток на учебната година“, а во него ќе се пронајдат многу родители:

Драг сине,

Слободно можам да кажам дека не сум подготвен за овој ден. Но, ти си. Знам дека си.

Ми се чини како да беше минатата недела кога се роди; малечко и завиено во ќебе во моите раце. Како поминаа толку брзо годините? Каде заминаа?

Мислам дека не ја искористив максимално секоја секунда која ја имав со тебе, а сега тие секунди ги нема. Вистината е дека повеќе не си мое и мамино мало бебе. Сега си своја личност. Мораме да научиме да те споделуваме.

Ова е првиот ден од твоето патување подалеку од нас во твојот самостоен живот. Ти помагавме да носиш одлуки на секој чекор од твојот пат, те насочувавме и ти ја држевме раката. Бевме таму за да те фатиме кога паѓаше и за да те кренеме. Бевме таму кога не можеше да го откриеш твојот следен чекор. Бевме таму да те охрабриме и насочиме. Бевме тим.

Но, сега, ќе започнеш да ги правиш сам сите тие нешта.

Мораме да отстапиме и да те гледаме како правиш свои чекори, носиш свои одлуки, тргнуваш по свои патишта и му покажуваш на светот што пропушташе досега.

Отсега ќе стануваш сè посамостоен.

Додека тргнуваш на оваа возбудлива авантура, сакам да знаеш некои нешта:

Биди она што си. Никогаш не го губи својот карактер. Никогаш не се менувај. Ќе има луѓе кои нема да те сакаат поради некаква причина, но тоа е нивен проблем, а не твој. Биди она што си бидејќи си прекрасно уникатен, скапоцен и сакан токму онаков каков што си. Биди свој. Прекрасен си.

Пријателствата доаѓаат и си одат. Некои ќе те инспирираат, некои ќе те повредат. Како и да е, ќе те направат посилен ако им дозволиш.

Не престанувај да прашуваш. Секогаш прашувај зошто, колку и да се нервира учителката. Јас ќе те одбранам кога ќе ме повикаат на училиште.

Нема да те лажам, претстојните 13+ години училиште и образование ќе ти приредат тешки моменти. Ќе мора да го пронајдеш својот пат во врсничките групи, тешките академски моменти и светот кој е под притисок на социјалните мрежи. Никогаш не се запоставувај себеси – нема ништо лошо во тоа понекогаш да си себичен и да се ставиш себеси на прво место.

Со нетрпение чекам да се вратиш дома и да ми ги раскажеш сите нешта кои ги научи на училиште. Биди сунѓер и апсорбирај колку што е можно повеќе факти, теории и можности. Носи ги со себе каде и да одиш во светот.

Не грижи се ако не си добар во нешто. Не можеме сите да бидеме добри во сè. Но, мора да пробаш сè. Дај им шанса на нештата. Дури и ако не ти се допаѓаат или си подобар во нешто друго, барем си дал шанса и си ги истражил можностите пред тебе.

Кажи им „ДА“ на колку што е можно повеќе нешта. Ако имаш можност, зграпчи ја. Полесно е да речеш „ДА“ сега, а „НЕ“ подоцна отколку обратно.

Мојата љубов е безусловна.

Те пазев секој ден во првите години од твојот живот. Игравме заедно, јадевме заедно, истражувавме заедно. Ме научи многу нешта, можеби и повеќе отколку што јас те научив тебе. Ме направи нова и подобра личност. Ми помогна да пораснам колку што порасна и ти. Прерасна во прекрасно мало момче кое има многу неверојатни делови на себе. Мислам дека не може да бидам погорд што му го предавам на светот моето скапоцено момче. Дури и ако твоите наставници гледаат само мало делче од она што го гледам јас, ќе те обожаваат.

И за крај, без разлика која рута ќе те води низ животот, јас ќе бидам тука, покрај тебе, подготвен да те фатам ако паѓаш и да славам кога ќе полеташ.

Со целата моја љубов,

Тато

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19465 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.