Блогерка поставува филтри на своите фотографии за да испрати моќна порака до интернет корисниците кои се споредуваат себеси со оние кои ги гледаат онлајн.
Џозефин Ливин од Данска покажува колку се лажни гламурозните фотографии кои секојдневно ги гледаме на Instagram и дозволуваме да ни влијаат на самодовербата. Популарната блогерка споделува фотографии пред и по поставувањето филтри за да докаже дека социјалните мрежи се лажни.
Со една обична апликација и неколку филтри, Џозефин до непрепознатливост го менува својот изглед.
„На изменетата фотографија не сум јас. На реалната сум и реалната е секогаш доволна. Реалната е убава, вредна, симпатична, уникатна, неверојатна и сè што некогаш треба да биде. Реална. Таа е повеќе од доволна“ – вели Ливин.
„Понекогаш споделувам премногу изменети фотографии, а понекогаш суптилно изменети кои веројатно никогаш нема да погодите дека се со филтри освен ако не ви кажам, бидејќи изгледаат многу природно. Се споредуваш со нешто што си сигурна дека е реално, на пример ‘селфи веднаш по будењето’, но во реалноста, тоа е лажно. Обиди се да не се споредуваш со некој кој го гледаш онлајн, бидејќи можеби таа личност не искористила филтер како мојот, но можеби отстранила акни, си ги избелила забите, си ги измазнила порите, си ги обоила подочниците или си ја извиткала косата за да изгледа малку ‘посовршена’ одошто е во реалноста. Не заборавај дека веќе си повеќе од доволна онаква каква што си. Нема потреба од лажни верзии, само реални“ – пишува таа на друга фотографија.