Фотографии направени на „Кнез Михајлова“ го растреперуваат и топлат срцето, зашто ја враќаат вербата во човечноста.
Направени од случаен минувач, фотографиите покажуваат девојка со ранец како разговара со баба која проси, а потоа тие искрено се прегрнуваат.
Владимир Чех го сподели малиот албум на Facebook и веднаш наиде на многу позитивни реакции за гестот на девојчето, но и коментари полни тага за ситуацијата во која се наоѓа бабата.
„Видов дека девојчето клечи и разговара со бабата. Кога се прегрнаа, срцето ми се стегна. Не сакав да им сметам и да им пријдам, туку само ги фотографирав. Инаку, бабата која проси секој ден е тука, недалеку од Српската академија на науките и уметностите“ - изјавил Владимир за српскиот медиум „Блиц“.
Жена, која ја препозна девојката, искоментира: „Овој излив на љубов баш личи на неа.“