
Често се случува кога ќе дојдете во супермаркет да не знаете што да одберете меѓу мноштвото шарени теглички, тетрапак пакувања и други производи. Единствен начин паметно да одберете е да ја прочитате и правилно да ја протолкувате декларацијата на производот. Еве како тоа да го направите:
Треба да се истакне дека секој прехранбен производ кој се наоѓа на полиците во маркетите мора да има декларација во склад со законските норми. Декларацијата претставува лична карта на секоја намирница бидејќи ги открива нејзинот потекло, состав и намена, а истовремено дава доказ за здравствената исправност на храната односно потврдува дека е безбедна за консумирање.

Попис на состојки и нутритивна вредност на намирниците

На секоја декларација разликуваме две работи: попис на состојки и нутритивни односно хранливи вредности на намирниците. Во листата на состојки наведени се сите компоненти кои влегуваат во составот на конкретниот производ почнувајќи од тие што се најмногу застапени до оние кои се најмалку присутни во производот.
Нутритивната вредност на намирниците кои ги купуваме ни кажува колку хранливи состојки има во 100г или 100мл од производот или во една порција од тој производ. Тука се истакнати информациите за енергетскаата вредност на намирниците т.е. количината белковини, јаглехидрати и масти. Исто така секоја декларација треба да содржи податоци за количината на едноставни шеќери, заситени масни киселини, влакна и соли.
Што значи RDA и GDA?
RDA (Recommended Daily Allowances) е стандард со кој се пропишани препорачаните дневни количини на витамини и минерали потребни за балансирана прехрана. Тие со бројка изразени стандардни вредности обично се наведени во колоните покрај количините на витамини и минерали (изразени во проценти) кои се присутни во 100г од конкретен производ. На пример, ако до вредноста на витамин А во колоната се наведува RDA 80% тоа значи дека со внесување на 100 грама од таа намирница ќе задоволите 80% од дневните потреби за витамин А.
GDA (Guideline Daily Amounts) водич за дневни количини е новиот систем за изразување на дневните потреби кој често се наведува на предната страна на пакувањето во форма на таблица или „семафор“.GDA е водич кој покажува колку килокалории и хранливи состојки (белковини, јаглехидрати, шеќери, масти, заситени масни киселини, влакна и соли) содржи одредена количина храна (оброк) во однос на референтниот дневен внес од 2000 килокалории. Наведувањето на GDA вредностите на храната му помага на потрошувачот да избегне прекумерна консумација на одредена храна т.е. му овозможува секојдневно да води грижа за урамнотежена исхрана и одржување на нормална телесна тежина.

Адитиви
Веќе долго време се полемизира околу најразличните адитиви во производите што ги купуваме. Дури се појавија и црни листи со Е-броеви на кои се наведени адитивите штетни за човековото здравје. Листите предизвикаа збрка и паника меѓу потрошувачите, дотолку повеќе што на една од нив се најде и лимонската киселина (Е330) која е потполно безопасен адитив.
Некои адитиви се од природно потекло како витамини, влакна, ензими, природни бои и ароми, додека други се синтетизирани хемиски соединенија со точно определен состав. Меѓутоа, за да се избегнат потенцијално штетни последици треба да се придржуваме до дозволениот дневен внес кој е дефиниран за секој поединечен прехранбен адитив. Во прилог на тоа оди и фактот дека максималната дозволена количина на адитиви, кои се опасни по здравјето, во храната е 100 пати помала од количините со чиј внес постои ризик штетно да влијаат на здравјето на човекот. Затоа е корисно да се читаат декларации и да се бираат производи кои содржат природни ароми, бои и конзерванси.
Калории и шеќер

Енергетската вредност е изразена во килокалории kcal или килоџули kЈ, а при консумирањето треба да се има на ум дека таа вредност се однесува на 100г од производот. Врз основа на тоа можете да ја одредите големината на порцијата доколку не сакате да го надминете својот дневен енергетски внес- просечна возрасна личност дневно треба да внесува околу 2000 калории, а за деца се препорачува внес на околу 1500 калории дневно.
Особено внимание посветете на внесената количина едноставни шеќери (глукоза, фруктоза – шеќер,овошје, мед ) ако се посебно назначени на декларацијата, пожелно е нивната маса да биде што е можно помала, а поголема онаа на сложените шеќери (житарки, тестенини, брашно, компир, зеленчук, мешунки, зрнеста храна).

Уште една состојка која во голема мера влијае на вашето здравје е солта односно соединението натриум хлорид. На декларацијата вообичаено се наведени количините на натриум во грамови, при што прифатлива количина би била меѓу 0.1 и 0.6 грама натриум на 100 грама производ што одговара на на 0.3-1.5 грама сол. За полесно снаоѓање имајте на ум дека максималниот дозволен дневен внес на сол изнесува 5 грама или една мала лажичка.
Ако ги следите овие упатства секогаш ќе бидете сигурни што и колку внесува во организмот вашето дете и полесно ќе можете да ги избалансирате неговите оброци.
Комерцијален текст