На 14 април во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи Женската трка. Целта на трката која е во организација на Сојузот за спортови на Скопје е превенирање на заболувања преку активно вежбање.
Трката нема натпреварувачки карактер, сите учеснички што ќе ја завршат се победници. По завршувањето на трката е предвидена лотарија за учесничките, на која ќе бидат доделени награди.
„Земајќи предвид дека жените во ова модерно и динамично живеење имаат сè повеќе обврски, а сè помалку време за себе и за вежбање, ризикот од заболувања е сè поголем. По тој повод, сакавме да ја направиме женската трка која е една до многуте промотивни трки нa Скопскиот маратон 2013, сè со цел да ја подигнеме свеста кај жените на едно повисоко и сериозно ниво за превенција од заболувањата со активно вежбање. Овој непобитен факт ние сакаме да го смениме. Почнувајќи сега и тука” – изјави Кире Синадиновски, директор на Скопски маратон.
Трката ќе се одржи в недела на 14 април. Стартот е во Градскиот парк кај Школка. Во 10.30 часот започнува загревањето со аеробик вежби. Во 11 часот стартува самата трка. Ќе се трча 1.000 метри, еден круг околу Градскиот парк.
Поддржувачи и промотори на трката се Весна Кираџиева, актуелна рекордерка на Македонија во полумаратон и најдобро пласираната Македонка на минатогодишниот Скопски маратон, Искра Јовановска, која преку социјалните мрежи ја формираше групата за рекреативно трчање „Трчаме Заедно“. Меѓу промоторите е и пејачката Викторија Лоба, која редовно практикува рекреативно трчање.
Трките од овој карактер постојат насекаде во светот со иста цел – подигање на свеста на жените дека никогаш не е доцна за физичка активност.