Сестра Мадона Будер е инспиративна и посветена жена која не се откажува од маратони и триатлони и покрај тоа што чекори во десеттата деценија од животот.
92-годишната Американка пред неколку дена го заврши националниот шампионат Toyota USA Triathlon Age Group во Милвоки и нејзината приказна повторно се распространи низ светот.
Сестра Мадона честопати е нарекувана „Железната калуѓерка“ (The Iron Nun), бидејќи досега 45 пати го има завршено триатлонот „Ајронмен“, а вкупно има завршено околу 400 триатлони.
„На сите нам ни се дадени различни таленти. Ние само треба да ископаме малку подлабоко за да ги откриеме. И кога ќе ги најдеме, должни сме да ги користиме за поголемото добро“ – вели инспиративната жена. Таа открива дека станала физички активна на 50-годишна возраст, кога свештеник ѝ кажал дека трчањето е добро за телото, мозокот и душата.
Таа го заврши првиот триатлон на 52-годишна возраст и сега, 40 години подоцна, смело открива дека не планира да запре тука.
„Тајната е да бидеш континуирано активен. Што и да правам, ретко седам, секогаш сум во движење“ – изјавила Мадона.
„Едно нешто никогаш нема да разберам - како една мала стара жена може да биде инспирација за некого. Но, не треба да разберам. Само сакам да ја следам волјата на Бог и ако Бог ме става да бидам мотивација за другите во напредната возраст, го прифаќам тоа“ – вели Мадона.
Еден „Ајронмен“ триатлон содржи 4 километри пливање, 180 километри возење велосипед и 42 километри трчање.