Драган Даскаловски е дефектолог и основач на Центарот за реедукација, рехабилитација и симулација на ран развој – Даскал АБВ. Центарот го посетуваат дечиња на разни возрасти што се соочуваат со разни пречки и потешкотии во развојот. Драган и тимот од логопеди и дефектолози, им помагаат на дечињата да ги надминат тие пречки, да ги развијат своите потенцијали, да ги прошират своите социјални контакти и да се вклучат во редовниот образовен систем.
Септолете тотал го издвојува Драган Даскаловски и сите вработени во Центарот Даскал АБВ како поединци кои промовираат толеранција и рамноправно учество во општеството на децата со пречки во развојот. Тие сметаат дека инклузивното образование е јадро за постигнување на висококвалитетно образование на сите ученици, при тоа намалувајќи ја нееднаквоста и градејќи поинклузивно општество.
Драган, кажете ни нешто повеќе за работата на Центарот и третманите што ги добиваат децата со пречки во развојот?
Центарот се занимава со реедукација и рехабилитација на деца со потешкотии во развојот, како и стимулација на ран развој. Во моментов во Центарот работиме тим од седум луѓе, двајца логопеди и пет дефектолози. Третманите најчесто се со индивидуален пристап, но заради природата на проблемите со кои се соочуваат овие деца, а тоа е најчесто комуницкацијата и нивната социјализација, се трудиме да воведеме и нешто ново. Тоа ново е групна терапија во која се вклучени две до три дечиња со слични способности и интереси. Веруваме дека со овој пристап ќе постигнеме поголеми резултати во однос на комуникацијата и социјализацијата на децата.
Во нашиот Центар започнуваме со применување на интензивен сеопфатен третман. Најчесто индивидуалните третмани се со времетраење од 45 минути. Но, со овој интензивен сеопфатен третман времето на индивидуалниот третман ќе се продолжи на 5 до 8 часа дневно, односно 25 до 40 работни часа неделно, во зависност од можностите на детето. Овој пристап бара добро структурирана програма по која ќе се работи со децата и со која ќе бидат опфатени сите области од развојот (крупна и фина моторика, говор и комуникација, когнитивни функции, самостојност).
Имаме неколку обиди со дечиња на возраст од 4 до 7 години кои посетуваат третман 5 или 6 часа дневно и навистина се покажа дека имаат капацитет да издржат интензивна терапија, индивидуална и/или комбинирана со работа во групи со нивни врсници. Очекувањата ни се исполнија.
Нашето грло е наша моќ да говориме, да инспирираме и охрабруваме други луѓе со љубезен говор и мотивирачки зборови. За жал, некои дечиња во развојот со соочуваат со проблемот на комуникација. Која е улогата на дефектолозите и логопедите во овој случај и како Центарот им помага на дечињата да напреднат во комуникацијата?
Говорот е основно средство за комуникација. Кога некое дете се соочува со развоен проблем, прво што се забележува е отсуството или потешкотиите во говорот. Но не значи дека ако не може да зборува, не може ни да комуницира. Во секојдневната комуникација сите ние користиме фацијална експресија, гестикулации, мимики, движења со раце, со очи и тие движеања го дополнуваат и понекогаш го заменуваат вербалниот говор.
Кај децата со развојни проблеми и проблеми во говорот и комуникацијата, зависно од квалитетот и квантитетот на проблемот и областите од развојот кои се зафатени со нарушувањето, најчесто комуникацијата е невербална. Ако се работи за аутистичен спектар на нарашување, таа комуникација се манифестира преку покажување на предметот што сака да го добие детето или со фаќање за рака на родителот или терпевтот и носење до објектот. И тоа сепак е начин на комуникација. Но, нашата цел и задача е да им помогнеме на овие дечиња да ја развијат вештината на вербална комуникација, воедно што повеќе деца да бидат опфатени со третман уште од најрана возраст и времето до поаѓање во училиште да се искористи максимално за подготовка на тие деца за редовно учење и нивно правилно инклудирање.
Низ годините сфативме дека за некого треба многу повеќе време и трпение, а во некои случаи резултати имаме и по неколку недели.
Малите дечиња многу побрзо напредуваат во говорот, затоа што на време е препознаен нивниот проблем со комуникацијата. Со нив е многу полесно да се постават шемите, затоа што мозочето им е како пластелинче и може да се моделира.
Најмалото дете со кое сме работеле во Центарот беше 19 месеци.
Вашата професија е многу алтруистичка и вашата напорна работа навистина им овозможува на дечињата со пречки во развојот еден ден да станат самостојни граѓани во општеството. Но дали некогаш се случува општеството да ви ја отежнува работата? Како реагираат луѓето на вашата работа и на децата кои се соочуваат со проблемот на комуникација и социјализација?
Би сакал да зборувам посебно за дечињата со аутистичен спектар на нарушување, затоа што од децата што доаѓаат во Центарот кај нас тие се најбројни.
Аутизмот го препознаваат уште во 17-ти век, но кај нас од неодамна почна да се зборува за тоа. Знаеме дека има голем број на дечиња со аутистичен спектар на нарушување. Но, замислете кога ќе се направи регистар на овие случаи, ќе се знае колку всушност ги има, колку не се третирани, а колку се вклучени во програмите за реедукација и стимулирање на развој. Оние деца што сега се третираат во Центарот и во сличните институции, го поставуваат патот на следните генерации што ќе се соочат со аутизмот. Тие сега преживуваат нешто што никој претходно сличен на нив и нивните родители, не го преживеал. Се соочуваат со критики, осуди и разни неосновани мислења, а и ние терапевтите заедно со нив. Не е сеедно ни за мене, како терапевт, кога ќе го изнесам детето на улица да учиме и искусиме, на пример пазарување во супермаркет, а луѓето гледаат со прекор и осуда затоа што не ја разбираат или прифаќаат ситуацијата на детето. Сеедно што тоа не е мое дете, чувството е непријатно исто како да е мое дете.
Посебен проблем е комуникацијата кога го учиме детето на социјализација. Иако во Центарот низ вежби работиме на социјализација со другите деца и другите терапевти, надвор од Центарот повторно се соочуваме со проблеми во социјализација, најчесто заради неинформираност на населението. Ама не се откажуваме.
Секое дете како посебна личност, во себе носи скриен талент или непоттикнати потенцијали. Како ги мотивирате децата да ги негуваат своите таленти и да ги развиваат своите потенцијали? Какви вредности се трудите да им пренесете?
Покрај методите и вежбите за рехабилитација и социјализација, ние се трудиме да им пренесеме животни вредности на дечињата. Вложуваме многу љубов, трепение и надеж во секое дете, да излезе од тука како корисен и рамноправен член на општеството. За тоа и најмногу се бориме.
Многу е жално што се уште владее мислењето дека тие деца се терет на државата и општеството. Ние замислуваме општество во кое сите тие деца го пронашле својот интерес и талент и се вклучиле во општествените редови како и сите нас.
Секој човек има нешто во себе, само тоа треба да исплива на површина.
Јас сум секојдневно со овие деца и препознавам во секој од нив нешто посебно и некој особен дар. И ако потенцијалот на секое дете дополнително се стимулира и развива на соодветен начин, сигурен сум дека ќе му донесе лично задоволство, исполнетост и животна радост.
Ако детето почувствува дека го сакаш и сакаш да му помогнеш, соработува и нема шанса да не постигнеш резултат. Најважно е да гледаш, слушаш и чувствуваш. Децата возвраќаат. Тоа е една чиста енергија што не може да се опише.
Новите генерации се мултилингвистички. Се случува ли првите зборови на децата да бидат на друг јазик или покрај мајчиниот паралелно да прозборат и странски јазик?
Многу е интересно што во последно време се случува децата прво да прозборат на англиски, наместо на мајчиниот јазик. Тоа е затоа што живееме во брзо време, каде на родителите им е олеснителна околност да му дадат на детето мобилен или таблет да се занимава, а тие да добијат неколку часа време за други активности во домот.
До скоро немаше синхронизирани македонски цртани филмови, па се случуваше децата да дојдат и да кажат некој збор на руски, српски или англиски јазик, затоа што претходниот ден им минал гледајќи програми за деца на некој од овие јазици.
Сме имале многу дечиња кои доаѓале во Центарот со развиен говор, но само на англиски јазик, а на македонски не се разбираме. Па сме работеле на наметнување на мајчиниот јазик, колку и да звучи тоа нереално.
Но, јазикот како јазик се учи, а она што останува најтешко е да го одучиш детето од зависноста од екранот. Многу често, заради таа екраноманија децата покажуваат бихејвиорален фенотип речиси идентичен на нарушувањата од аутистичен спектар.
Децата се оставени по 8 до 12 часа пред екраните и со нивните мозочиња впиваат се, а најмногу реклами, кои се така креаирани да им останат во глава дури и на возрасните гледачи.
Телевизорот и мобилниот телефон само ја влошуваат ситуацијата и многу потешко е да допреш до детето. Неговото главче е фасцинирано од тоа што го видел на екраните и одбива да ја прима реалноста. Ги советуваме родителите да ги исклучат и по можност да ги отстранат телевизорите и екраните од секојдневието на децата, посебно дури работиме на нивниот развој.
Комерцијален текст