Децата се енергични, бесни и честопати немирни... токму онакви какви што би требало да бидат. Децата треба да ги искусат лудориите во првите години од животот, за кога ќе пораснат, да имаат спомени од времето кога се качувале на дрво, се обидувале да ја дофатат Месечината и бркале пеперутки.
Јелена Марковиќ од Србија напиша текст кој одлично го опишува детството. Тоа е дел од нејзина сè уште необјавена книга.
Растење
Детето не би требало да порасне, а да не заспие со бајка. Не би требало да порасне, а да не погали животно, да не се качи само на дрво и да не проба да ја дофати Месечината.
Ако нема паднато од велосипед, шлапкано во бара и споделено ужина со другите, не би требало да порасне додека не го направи тоа. Треба и да изрони парче стакло и да верува дека тоа е скапоцен камен. Да ја излиже чинијата со фил од торта. Да јаде џем од тегла со прсти и да брка гулаби во паркот.
Детето не би требало да порасне ако нема читано книга со широко отворени очи, ако нема босоного трчано по трева и ако се нема возено на трамвај. Не му е време да порасне ни додека не заборави да напише домашна работа и додека не го фатат во лага. Ако мама не му ја бакнувала раната за да му помине, а тато не го носел на рамена, не треба да се брза.
Детето треба да се сеќава како чистело грашок со баба и коски од вишни за пита. Треба да се сеќава и на мечето кое ноќе го чувало од страшни соништа. И на свеќите на роденденската торта, првиот ден на училиште, првите приредби и семејството во публиката. Треба да го памти рингишпилот, првото патување со воз, санкањето со децата од соседството и играчките кои ги правеше дедо.
Пред да порасне, детето треба да направи барем една беља. Треба да црта со парче цигла на бетонот и да дува глуварче. Треба да сонува како лета. Да пие вода од дланка. Да пушта змеј. Да направи замок од песок и да му се радува на првиот снег. Да направи Снешко, да замисли желба и да верува во Дедо Мраз.
Треба да се капне со филот на маицата додека јаде палачинки. Да пронајде скриено чоколадо во шпајзот и да се исплаши од слегувањето во подрумот. Треба да ја шутне топката толку далеку, што ќе го прескокне потокот.
Ако нема брат или сестра, треба да ги посака. Да оди на село и да се скрие во сенка. Да фати риба, да ги нахрани птиците и да улови пеперутка. Да ѝ напише порака на симпатијата. Да се налути силно и да опрости лесно.
Пред да порасне, детето би требало да падне и да си ги одере колената, да ја заборави својата играчка кај другарчето и да ја прескокне оградата. Треба да фаќа балони од сапуница и да оди со тато на натпревар. Со мама да замеси тесто за кифли и врели да ги јадат заедно.
Детето треба да заплаче, да пукне балон, да се изгуби во продавница и да се смее кога ќе го подигнат високо. Треба да праша каде било пред да се роди, зошто петлите кукурикаат наутро, како настанува ветерот и каде завршува виножитото. Детето треба да биде дете и да посака да направи многу од ова пред да посака да порасне.
А децата брзо растат...