Милиони тони облека годишно завршуваат во ѓубре, загадувајќи ја нашата планета и доведувајќи ја до алармантна состојба.
Архитектка од Франција ја рециклира употребената облека која луѓето ја фрлаат и ја претвора во „еко-тули“ кои подоцна се користат за правење на мебел или внатрешни ѕидови.
Имено, Кларис Мерле ја основаше компанијата „FabBRICK“ за да придонесе во зачувувањето на животната средина. Таа користи текстилни материјали исечени на мали делови и еколошко лепило, кои ги компресира со машина која самата ја измислила и не троши електрична енергија.
„Итно е и многу важно да наоѓаме нови начини за да ја користиме рециклираната облека. Во Франција, кога сакаш да фрлиш облека, можеш да ѝ дадеш нов живот со тоа што ќе ја поставиш во соодветните корпи за рециклирање на облека кои се поставени на улиците“ – вели Мерле.
Бојата на рециклираните материјали се избира пред тие да се исечат на мали делови, во зависност од потребите на започнатиот проект на компанијата.
Секоја година, само во Европа се фрлаат по 4 милиони тони текстилни материјали.
Засега, овие еко-тули се користат само за правење на мебел и внатрешни ѕидови, но Кларис продолжува со истражувањето за да ги претвори во вистински материјал за градење.