Пар од Канада го користи слободното време за да патува низ светот и да создава впечатливи и привлечни фотографии.
Џејк и Кејли се запознале во фитнес сала и заминале на првото заедничко патување кратко по започнувањето на нивната романса. Нивниот блог „The Globe Wanderers“ е полн со инспирација за патувања, а на него можат да се најдат препораки за сместување и за хранење на дестинации низ целиот свет.
Младата двојка споделува и совети за сите парови кои сакаат да патуваат и да се фотографираат.
5 совети и трикови за да направите совршени фотографии како пар
Постојано нè прашуваат кој ни ги прави фотографиите. Погрешно е мислењето дека ангажираме професионален фотограф кој патува со нас и нè фотографира. Сите фотографии ги правиме сами. Сè што знаеме сме го научиле од сопствено искуство и грешки.
1. Инвестирајте во трипод
Сметаме дека ова е најважниот чекор. Нашиот трипод е нашиот мистериозен „фотограф“ кои нè следи насекаде и нè фотографира. Триподот ни овозможува да создаваме фотографии од двајцата наместо да правиме индивидуални фотографии. Вашиот трипод ќе биде ваш најдобар пријател, па инвестирајте во квалитет, бидејќи евтините ќе треба често да ги менувате. Кога се обидуваме да направиме совршена фотографија, мораме да го поставиме нашиот трипод на места каде не треба да биде, како на пример, океан, езеро или кал.
2. Користете интервалометар
Што е тоа интервалометар? Тоа е апарат кој се вклучува на фотоапаратот и ни овозможува постојано да се фотографираме, „time-lapse“. Кога апаратот ќе биде вклучен, можеме да избереме колку фотографии сакаме да направиме во одреден временски период. Користењето интервалометар ни овозможува да пробаме разни пози и да направиме природни фотографии, бидејќи постојано нè фотографира.
3. Изберете складни стајлинзи
Ова можеби ви звучи смешно, но кога ние замислуваме концепт за некоја фотографија, ги смислуваме сите детали: на која локација ќе биде, како ќе позираме, што ќе носиме за да се увериме дека сме го овековечиле истиот концепт што сме го замислиле. Складните стајлинзи ни овозможуваат да имаме визуелно попривлечна фотографија. Ова значи координирање и меѓу вас и со локацијата.
4. Осмислете ја совршената фотографија
Кога ќе пристигнеме на локацијата каде сакаме да се фотографираме, најчесто ги имаме смислено нашите пози и поставеноста на фотоапаратот. Ова значи дека веќе имаме одлучено како сакаме да ја оформиме нашата фотографија. Сакаме нашите фотографии да бидат светли, забавни и авантуристички. Најчесто сакаме да се фотографираме рано наутро пред сончевата светлина да биде пресилна.
5. Редактирајте ги фотографиите во Lightroom
Откако ќе ги направиме нашите фотографии, ги редактираме со Lightroom пред да ги објавиме на Instagram и на нашиот блог.