Во Втората светска војна, Мартин Адлер спаси три мали деца, братче и две сестрички, а сега, седум децении подоцна, успеа да ги пронајде повторно.
Искрената радост на лицето на 97-годишниот ветеран при првата средба со Бруно, Мафалда и Џулијана Налди нема да ве остави рамнодушни.
Нивното обединување се случило на аеродромот во Болоња, каде Мартин им подарил чоколатца, исто како што направил пред 77 години кога ги пронашол.
Имено, Адлер бил американски војник на служба во Италија за време на Втората светска војна, кога здогледал голема сламена корпа во движење. Мислејќи дека во неа се крие германски војник, тој ја насочил пушката кон корпата, но за среќа не испукал. Во истиот момент, кон него дотрчала мајката и му кажала дека внатре има деца.
За неверојатната случка, ќерката на Адлер раскажа: „Додека барале скриени Германци, татко ми Мартин Адлер и Џон Бронски виделе голема затворена корпа која мрдала и испуштала звуци. Никој не излегол од неа, иако дале предупредување. Во тој момент, здогледале жена која трчала и викала 'Деца, деца, деца'. Таа застанала пред пушката на татко ми и тогаш три прекрасни дечиња излегле од корпата. Само секунди ги делеа од трагедијата да одземат млади, невини животи. Преплавен од емоции и олеснување, татко ми ги прегрнал децата, а потоа заедно се фотографирале“.
Откако многупати бил нарекуван херој што ги спасил децата, Марин изјавил: „Вистинскиот херој беше мајката, не јас. Можете ли да замислите да стоите пред пушка и да викате: ‘Деца! Не!’“.
Бруно денес има 83 години, Џулијана 82, а Мафалда 79 години.
Адлер го посети и местото каде ги пронашол децата.