Киерон Вилијамсон е момче со вистински талент за сликање. 9-годишниот уметник кој е нарекуван Мини Моне наскоро ќе стане милионер.
Неговата последна колекција од 24 уметнички дела била продадена за 250.000 фунти (316.000 евра). Купувачи од различни страни на светот ги разграбале неговите слики за само 15 минути.
Младиот уметник ентузијаст започнал да слика пред 4 години, за време на првиот летен одмор со родителите. Претходно само ги боел диносаурусите кои неговите родители ги цртале за него.
Во август 2009 година, сликите на малиот гениј за првпат биле покажани во јавност, а Киерон веднаш станал глобална сензација. Првите 19 слики на Киерон биле продадени за 17.700 евра, а само три месеци подоцна неговата втора колекција уметнички слики била распродадена за само 14 минути за 21.500 евра.
Во јули 2010 Киерон заработил речиси 190.000 евра, а во ноември минатата година за 10 минути и 50 секунди распродал уште една колекција за 134.000 евра.
Наскоро „малиот Моне“ ќе објави за продажба 10 нови слики кои се верува дека ќе достигнат вкупна цена од 126.500 евра.
Пред да стане славен, Киерон со неговите родители живеел во куќа под кирија, но по големиот успех собрал доволно средства за да можат да се преселат во прекрасен дом.
„Неговите слики продолжуваат да напредуваат и да се подобруваат, но тој сè уште е нормално момче. Повеќе не станува во 6 наутро за да слика пред да замине на училиште. Преферира да гледа ТВ и да си игра, но сè уште сака да слика и прави 2-3 слики неделно. Она што нам ни е важно е тој да остане балансиран и поврзан со врсниците“ – изјавила неговата мајка Мишел, која напишала книга за успехот на својот син.
Кога Киерон бил прашан дали му значи што наскоро ќе го заработи првиот милион во животот, тој одговорил: „Не баш“.