Животот е неверојатен. Тој некогаш ни носи големи падови, но и моменти кои нé издигнуваат во облаци.
Таква е средбата на Тед Нобс и Џеф, двајца браќа кои биле разделени по завршувањето на Втората светска војна. Нивното обединување во Австралија, 77 години по одвојувањето, ќе ви ги насолзи очите.
Џеф бил одделен од семејството и од неговите браќа Тед, Џон и Бери откако нивната мајка починала од рак на 30-годишна возраст во 1945 година. Тој имал само една година, па неговиот татко Алберт сметал дека нема да може да работи и истовремено да се грижи за него. За да му даде шанса за подобар живот, Алберт го дал Џеф на посвојување.
До седмата година, Џеф живеел во Англија, потоа со семејството се преселиле во Австралија. Таму, тој создал свој живот, се оженил и добил 8 деца.
Неговите браќа неколкупати се обидувале да го пронајдат, но залудно.
„Неколкупати се обидувавме да го пронајдеме. Првата потрага беше во 1994, а следната во 2004 година кога бевме во Центарот за поддршка на возрасните дадени на посвојување. Нашиот брат Бери правеше и самостојни потраги, а истовремено и Џеф нè барал нас“ – раскажа Тед.
Конечно во 2014 година браќата добиле среќна вест.
„Четири години по смртта на најстариот брат Џон, Џеф го пронајде Бери и му напиша писмо. Повторно сите бевме обединети преку телефонски повик. Беше прекрасно, но и тешко, тој сепак нè пронајде. Мислев дека никогаш нема да се видиме“ – продолжува Тед.
Браќата продолжиле да ги негуваат контактите, а Џеф планирал да оди во Англија. За жал, пандемијата ги сруши неговите планови.
„Џеф планираше да дојди во Англија за мојот 80. роденден, но тогаш изби КОВИД пандемијата. На прославата во хотелот, неговиот син Кристофер прати видео од Џеф преку кое ми го честиташе роденденот. Одлучив да го посетам Џеф во Сиднеј. Немав патувано со авион 50 години, морав да извадам пасош. Бев среќен што повторно ќе го видам брат ми и неговите деца. Добив покана за свадбата на неговата внука“ – рече Тед за одлуката да отпатува во Австралија.
Откако се обединија по речици осум децении, Тед рече: „Искуството да се сретнам со Џеф за првпат беше неверојатно“.