Се сеќавате ли на Џесика Стејн, една од највлијателните блогерки од Австралија, која обожаваше да ги раскажува своите модни приказни преку фотографии од нејзините патувања низ светот?
26-годишната Австралијка моментално минува низ тежок период од животот. Нејзината ќеркичка, која има само осум месеци, страда од многу ретко хромозомско нарушување поради кое често има потреба од лекарска помош.
Преку емотивни објави, Стејн континуирано ја споделува трогателната приказна за борбата за живот на нејзиното болно бебенце.
Имено, во текот на бременоста, а и по породувањето, Џесика беше честопати отсутна од социјалните мрежи, што ја пробуди љубопитноста кај нејзините фанови и ги натера да се запрашаат што се случува со приватниот живот на Стејн.
За време на бременоста таа со неколку ретки објави објасни дека се соочува со компликации поради последиците од сообраќајна несреќа што ѝ се случила кога имала 16 години. По раѓањето на девојчето, двете морале да останат во болница цели 12 недели бидејќи состојбата на новороденчето била тешка, а дијагнозата сѐ уште била неутврдена.
„Отсекогаш знаев дека станувањето мајка нема да биде лесно за мене, но никогаш не помислив дека првите скапоцени месеци ќе бидат толку тешки за неа. Сѐ уште живееме во болница оддалечена неколку часа од нашиот дом, го живееме секој ден без да мислиме на иднината, учиме од неа и го сакаме секој момент со неа. Се надеваме дека ќе се вратиме дома во наредните неколку недели за да се сместиме и да уживаме во нашето ново заедничко поглавје“ – гласеше објавата на блогерката по раѓањето на Руми.
Но, и понатаму следувале чести и долги престои во болница, меѓу кои и една комплицирана операција, кои најпосле резултирале со соочување со тешка финансиска состојба. Џесика и нејзиниот партнер морале да побараат помош од нивните блиски, а потоа одлучиле да се огласат и со јавен повик за собирање средства за помош на малата Руми.
„Пет и јас би сакале да го нагласиме тоа колку непријатно се чувствуваме што бараме финансиска помош и би сакале да бидеме транспарентни. Не можевме да работиме поради грижата околу Ру. Живеевме од нашите заштеди од кои приоритетно беше да се плаќа киријата за куќа во која речиси и не живеевме и за замрзнати оброци, додека секој ден ја делевме смената во болницата. Здравјето на Ру е непроценливо и сите пари на светот не можат да ја променат нејзината дијагноза, ниту несигурноста што доаѓа од неа, но би сакале да можеме да си дозволиме поспецијализирана нега и можности за неа. Немаме никаква идеја кон каква цел да стремиме поради тоа што не знаеме каква нега ќе ѝ биде потребна на Ру низ годините“ – напишала блогерката во повикот за финансиска помош.
Нивната молба на сајтот Go Fund Me наиде на позитивен прием и за неполни 24 часа биле собрани речиси 152.000 долари, а првично тие целеле кон собирање на 100.000 долари. Остатокот од собраните средства што не биле искористени за подобрување на состојбата на Руми, биле донирани во болницата за детски заболувања во Сиднеј.
„Нашиот сон е да основаме добротворна организација фокусирана на оние кои се грижат за деца со ретки заболувања, но нашата моментална ситуација не ни дава можност да инвестираме во нешто такво. Сите додатни средства ќе бидат вложени за овој сон да стане реалност“ – објаснува Џесика.
Со објавувањето на својата емотивна приказна, австралиската блогерка се обидува да ја подигне свеста за ретките заболувања и да ги поттикне луѓето да им помагаат на родителите кои се соочуваат со вакви животни кризи.
„Ниеден родител не треба да го дознае ова чувство. Ни самата не знам како издржуваме. Немојте да прашувате што не е во ред само за да знаете и да не направите ништо. Само дадете го тоа што можете. Насмевка, прегратка, разговор, кафе. Овие се најискушувачките моменти од нашите животи и секоја мала, љубезна постапка ќе биде запаметена“ – вели таа.