„Тагата е голема колку што и Вие бевте голем како човек“ - пишуваат студентите од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид во проштално писмо со кое му оддаваат почит на прерано починатиот професор Јован Стојаноски.
Стојаноски почина ненадејно пред пет дена додека сè уште ја извршуваше функцијата градоначалник на Општина Охрид.
Денес, студентите од ФТУ до Femina.mk испратија писмо полно со благодарност, почит и тага за изгубениот професор.
Еве го писмото во целост:
НЕ ПОСТОЈАТ ЗБОРОВИ ЗА УТЕХА... ЌЕ НИ БИДЕТЕ ВЕЧНА ИНСПИРАЦИЈА...
СÈ Е ПРЕМНОГУ МАЛКУ и НЕДОВОЛНО ЗА ДА ВЕ ОПИШЕМЕ.
Почитуван и Драг наш Проф.Стојаноски,
Уште од првиот момент кога сите ние студентите по прв пат ќе присуствувавме на вашите предавања, веднаш ќе заклучевме дека Вие сте посебен. Веднаш сите ќе коментиравме Проф.Јован е различен од останатите професори...
Различен и единствен бевте со вашиот специфичен стил на предавања, вашиот грижлив и татковски однос кон нас студентите.
И секогаш се прашувавме: Kолку далеку и колку високо ќе патувате во вашата професионална наобразба...?
Eдинствен бевте и со својот карактер, остроумност и вистина која ја носевте во себе и со која допиравте до нас студентите.
Ние сме сведоци на тоа кога Вие ќе влезевте на предавања, просторот добиваше некаква друга димензија обземен од Вашата професорка енергичност и желба да нè мотивирате да размислуваме со своите глави.
И секогаш го очекувавме тоа од Вас, а со нетрпение очекувавме следна недела и сл. Ваше предавање.
Она што Вие како аманет на нас студентите ни го оставивте Е немерливо, несогледливо Е, премногу Е...
Вие, со вашиот личен пример, ни покажавте и докажавте како се бори за вистината и за себеси, како секогаш се оди до крај во борбата, но чесно и со Бог.
Ни покажавте како се презира сè што е лажно, сè што е погрешно, ни покажавте како работите да ги нарекуваме со нивните вистински имиња без оглед на тоа колку тешко би звучеле.
Ни покажавте како да бидеме горди на своите корени и потекло, бидејќи како што кажувавте Вие Профа, она што нè разликува го носиме во срцето и во мислата.
Ни покажавте како може да се биде директен и искрен, а во исто време да се биде достоинствен и авторитативен.
Ни покажавте колкава големина носите во себе кога секој студент, секој колега, секој вработен, секој случаен познаник или непознаник кој што ќе го сретневте низ ходникот на ФТУ ќе го поздравевте прво Вие.
Ни покажавте како се сака Партизан и како се навива за тимот што се сака.
Но, пред сè ни покажавте и докажавте како да бидеме свои.
Тагата е голема колку што и Вие бевте голем како човек.
Чест ни е што бевме ваши студенти и што ја имавме привилегијата да ги слушаме Вашите предавања и да Ве запознаеме како наједноставен човек, а во исто време НАЈГОЛЕМ!
Ви благодариме за сè што ни дадовте, а ни дадовте многу.
Имаме уште многу да Ви кажеме, ДРАГ ПРОФ., но предупредени сме од Вашата мера за добар вкус кој беше Ваша вродена одлика и Ви порачуваме дека вечно ќе живеете во секое едно студентско срце.
НИ БЕВТЕ И ЌЕ НИ БИДЕТЕ НЕДОСТИЖЕН ИДОЛ!
ВЕ САКААТ ВАШИТЕ СТУДЕНТИ,
ВЕЧНА ВИ СЛАВА,
ADIO ПРОФА!