Францускиот парламент изгласа закон со кој се заштитува дивиот свет.
Со него, ќе се забрани купување, размножување и продавање на диви животни за циркуски и други забавни точки; одгледување на куни на фарми за нивното крзно и шоуа во живо со делфини.
Праксата, која постои повеќе од еден век, во Франција ќе заврши во 2024 година, кога ќе стане нелегално користењето на лавови, тигри, мечки и други диви животни за забава во циркуси, ТВ шоуа, ноќни клубови и на приватни забави. По седум години, нелегално ќе стане и поседувањето на диво животно.
Новиот закон, кој треба да биде потпишан од претседателот Емануел Макрон за да стапи во сила, исто така ја зголемува максималната каза за злоупотреба на животните, која може да достигне до 5 години во затвор и казна од 75.000 евра.
Макрон го нарече законот „историски чекор“ во заштитата на правата на животните. Но, сопствениците на циркуси, кои ги има 120 во Франција, не се среќни со оваа одлука.
Анкетите покажуваат дека законот е одлично прифатен кај Французите. Во изминатите години, голем број активисти за заштита на правата на животните ја подигнуваат свеста кај луѓето за малтретирањето и суровиот третман на животните.
Во 2017 година, тигар кој избега од циркус беше застрелан на улиците на Париз од сопственикот.