Почетна » Новости » Актуелно » При прием на секое дете му се мери температура, спиење на принципот „нозе-глава“... Филипче и Шахпаска го претставија протоколот за градинките

При прием на секое дете му се мери температура, спиење на принципот „нозе-глава“... Филипче и Шахпаска го претставија протоколот за градинките

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денеска одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа дека донесена е одлука на 9 септември да се отворат установите за згрижување и воспитување на деца – детски градинки/центри за ран детски развој.

Министерот Филипче го образложи Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца кој опфаќа план на активности и делувања кои се однесуваат на самата установа, на воспитно-згрижувачкиот кадар и на родителите на децата кои ќе посетуваат градинка.

Прес на Царовска и Шахпаска

Филипче потенцираше дека пред отворањето на установите потребно е да се направи дезинфекција на просторот и дворовите во градинките, да се исчистат и дезинфицираат сите простории во објектите, целата опрема и инвентарот од страна на општината или центрите за јавно здравје, постапка која веќе е во тек и задолжително да се постават едукативни постери со препораки за превентивни активности на истакнати места.

„Секоја установа треба да обезбеди доволна количина на лична заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените, како и средства за одржување на општа и лична хигиена, средства за дезинфекција на вработените и просторот и задолжително треба да има бесконтактен термометар на влез на установата. Дезинфекција на просториите, подовите и предметите е задолжителна на секои два часа во текот на денот. Задолжително е проветрувањето на просториите во согласност со временските услови и не се користи вештачка вентилација. Престојот на децата треба да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца (сместени во одделни простории) во согласност со можностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено и во мали групи“, изјави министерот Филипче.

Приемот на децата по воспитна група треба да биде со 10 минути временска разлика на влез, на кој задолжително е обележано растојание од 2 метри, а детето го спроведува еден родител кој секогаш носи заштитна маска.

Во однос на дистрибуцијата на храната, задолжително треба да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти, а лицата кои доставуваат храна задолжително да носат заштитни маски и ракавици. Храната за децата да се остава пред занималната, а децата да јадат во својата занимална со претходно направена дезинфекција на масите и рацете.

„На сите вработени при влегување во установа задолжително ќе им се мери температура. Доколку некој вработен има било какви симптоми на болест истиот треба веднаш да биде отстранет од работа. Не се дозволува собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории. Вработените во установата имаат обврска да го следат сопственото здравје и состојбата на децата при прием и во текот на престојот на децата во установата и во целост да се придржуваат кон општите препораки за превенцијата на КОВИД-19, на работното место и вон него“, информираше Филипче.

Во однос на приемот и престојот на децата во установата, тој појасни дека при прием, на секое дете му се мери температура со бесконтактен термометар, а детето по влез во градинката задолжително ги мие рацете, како и повеќе пати во текот на денот.

„Растојанието помеѓу масите за седење на децата треба да биде од 1,5-2м, спиењето е организирано така што децата треба да бидат поставени на креветите според принципот „нозе - глава“ повторно на растојание од 1,5-2м, во единечни кревети и постелнина за секое дете, обележени со име на детето. За време на работа, вработените задолжително треба да носат заштитни маски. Воспитните групи за деца до 2 годишна возраст да имаат максимум по 6 деца и двајца вработени во смена. Воспитните групи за деца над 2 години да имаат максимум по 15 деца и двајца вработени во смена. Секој родител треба да достави лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете. Установата да обезбеди потврда од родителот/ите дека работните задачи задолжително мора да ги извршува/ат на работното место, без можност за работа од дома“, истакна Филипче.

Во установата не смее да се користат играчки што не се перат и дезинфицираат. Играчките не се мешаат помеѓу групите и воспитувачите се задолжени за детална хигиена и одвојување на чисти и „валкани“ играчки. Воспитувачите и негувателките се грижат за задолжително миење на рацете на деца при прием и во тек на денот, особено после кивање, кашлање, плачење, пред и после консумирање храна и одење во тоалет и тоа под надзор.

Кога се менуваат пелени во помалите групи, строго се почитува постапката за одржување на хигиената на рацете пред и после менувањето и отстранување на пелени за воспитувачот и детето, како и дезинфекција на површините.

„Протоколот предвидува засилени воспитни активности со деца, со цел да се олесни разбирањето и усвојувањето на новите правила за заштита од вирусите и создавање навики кај децата за лична хигиена. Воспитувачот ги контролира причините за отсуство на деца, контактира со родителите, а доколку е потребно и со матичниот педијатар или лекар од надлежниот центар за јавно здравје“, додаде Филипче.

Во однос на здравствената состојба на децата, доколку родителот забележи појава на симптоми на болест кај детето, да не го носи детето во градинка и веднаш да се консултира со лекар. Родителите при првото и пред повторно да го вклучи детето во градинката доколку било болно, потребно е да достават лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на детето.

Филипче го образложи и алгоритамот за постапување на градинките во случај на дете со симптоми, сомнително или позитивно на КОВИД-19, а со цел да се минимизира можноста за понатамошно ширење на вирусот. Најнапред, потребно е секоја градинка да има назначено одговорно лице, по можност медицинско лице, доколку има, за контакт со надлежниот центар за јавно здравје.

„Доколку дете, за време на престој во градинка, развие покачена телесна температура веднаш се изолира во посебна просторија за изолација во градинката, каде за него се грижи негувателката од неговата група, а назначеното одговорно лице од градинката веднаш го известува и повикува родителот/старателот да дојде во градинката. Истото лице стапува во контакт и со епидемиолошката служба во надлежниот центар за јавно здравје и со матичниот доктор/педијатар на детето. Во координација меѓу епидемиологот од епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ, матичниот лекар/педијатар и родителот/старателот на детето се одлучува за понатамошната дијагноза/тестирање/третман на детето. Епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ прави епидемиолошка проценка на ризик за можноста од проширување на инфекцијата во групата или целата градинка, со тоа што децата, учителката и негувателката од воспитната група во кое престојувало позитивното дете, како блиски контакти задолжително одат во домашна изолација со решение од ДСЗИ. За најдената состојба, појава на потврден случај на КОВИД-19 во градинката и преземените мерки го известува Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и ДСЗИ. Надлежниот епидемиолог организира спроведување на вонредна дезинфекција во градинката“, рече Филипче.

Детето позитивно на SARS-CoV-2, заедно со родителите/старателите продолжува во домашна изолација под здравствен надзор со решение од ДСЗИ. Неговата здравствената состојба ја следи матичниот лекар, или доколку се појави потреба се хоспитализира.

Детето кое било сомнително на КОВИД-19, а за кое е докажано со PCR тестирање дека е негативно на SARS-CoV-2, продолжува да ја посетува градинката со приложена потврда од матичниот лекар дека детето е во добра здравствена состојба и може да посетува градинка.

Министерот Филипче истакна дека исклучително е важно да направиме сé за да го зачуваме здравјето на најмладите и да не дозволиме ширење на вирусот во рамки на градинките и нивните семејства.

„Клучно е да се почитуваат протоколите од страна на сите чинители, од страна на градинките како институции, воспитувачите и родителите. Неопходно е да им се пристапи на најмалите, децата на начин на кој тие ќе разберат дека се штитат себе си, своите другарчиња и своите семејства. Апелирам до родителите и воспитувачите да дадат свој личен пример за почитување на мерките на децата, со цел и тие да разберат дека ова е нашиот нов начин на живот и функционирање. Да ги едуцираат, поттикнат и охрабрат да ги почитуваат мерките и на оваа возраст. Особено е важно уште еднаш да повикам на максимална одговорност. Доколку детето има симптоми, тие да се препознаат рано, да не се носи детето во градинка и да се изолира соодветно, да се информира установата и да се преземат чекорите за заштита. Им посакувам на воспитувачите и негувателките успешна работа, а на децата безбеден престој во градинките“, рече Филипче.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека Владата на предлог на Министерството за труд и социјална политика и во координација со Министерството за здравство – Комисија за заразни болести, донесе одлука на 9 септември да се отворат установите за згрижување и воспитување на деца – детски градинки/центри за ран детски развој.

Прес на Царовска и Шахпаска

„Градинките ќе работат согласно утврдениот Протокол за активностите во установите за згрижување и воспитување на деца по укинување на вонредната состојба, што Владата го усвои на 29 мај оваа година и е доставен до сите установи за згрижување деца. Анализата на податоците од градинките покажува дека тие се подготвени наредната среда, на 9 септември, да почнат со работа и да ги примат и згрижат децата во согласност со предвидените Протоколи утврдени од Комисијата за заразни болести“, изјави министерката Шахпаска.

Приоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не може да ги извршуваат од дома.

Изминатиот период вработените во градинките ги контактираа родителите на децата, по што се утврди дека согласно Протоколот, градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца, но интерес за згрижување пријавиле родители на 14.555.

„Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од Протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, во тој случај можат да прифатат други деца што се запишани во градинката. Согласно Протоколот, групите за деца до две годишна возраст треба да имаат најмногу шест деца, за кои ќе се грижат двајца вработени, додека групите од 3 до 10 годишна возраст треба да имаат најмногу 15 деца и двајца вработени. Од тие причини, односно поради намалениот капацитет на градинките, беше неопходно да се дефинираат овие приоритети“, рече Шахпаска.

Владата веќе им препорача на единиците на локална самоуправа кои се основачи на јавните установи за згрижување и воспитување на деца, да обезбедат или адаптираат дополнителен соодветен простор, доколку за тоа има потреба.

„Истовремено на општините како основачи на градинките им препорачуваме да обезбедат потребен соодветен кадар за временскиот период до траењето на пандемијата КОВИД-19, доколку градинката има потреба за тоа, со цел да обезбеди непречено функционирање. Како Министерство за труд и социјална политика изминатиот период интензивно контактираме со сите градинки во државата. Уверени сме дека процесот ќе се одвива без проблем, децата ќе бидат згрижени на безбеден начин, а нивните родители ќе можат да се вратат на своите работни места. Сепак, сакам да апелирам до родителите дека капацитетот на градинките, поради посебните протоколи е значајно намален, поради што сите кои имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин, да не го зафаќаат местото во градинките на оние семејства, на кои тоа им е реално попотребно“, потенцираше Шахпаска.

Видео од пресот

Во продолжение е „Протокол за активности во установите за згрижување и воспитување на деца“, кој ви го пренесуваме во целост:

Установата

  • Пред да се отворат установите потебно е да се исчистат и дезинфицираат сите простории во објектите, да се направи чистење и дезинфекција на целата опремата и инвентарот (во занималните, кујните, магацините, пералните, собата за изолација, административните простори и другите простории во објектите), од страна на Локалната самоуправа или од Центрите за јавно здравје да се направи дезинфекција на просторот и дворовите во градинките
  • После извршената дезинфекција да се направи проветрување на просториите
  • Установата да обезбеди доволна лична заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените
  • Установaта да има безконтактен термометар за секој влез на установата
  • Установата да обезбеди доволна количина на средства за одржување на општа и лична хигиена, средства за дезинфекција на вработените и просторот
  • На влезните врати во објектите да има поставено бариера за дезинфекција
  • Хронично болните да бидат ослободени од работа согласно Уредба на Владата која е моментално на сила
  • Да им се укаже на вработените за обврската да го следат сопственото здравје и состојбата на децата при прием и во текот на престојот на децата во установата.
  • Вработените да се однесуваат одговорно и да придржуваат кон општите препораки за превенцијата на КОВИД-19 (физичка дистанца и употреба на лична заштитна опрема), на работното место и вон
  • Веднаш да се отстранат вработените лица од своите работни мести доколку имаат било какви симптоми на болест
  • Да се дезинфицираат прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите на секои два часа во текот на денот;
  • Да се бришат повеќе пати во текот на денот подовите во објектот, а теписоните каде што постои можност да се отстранат;
  • Активностите во дворот да се реализираат така што ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца во исто време
  • Да се направи распоред за прием на децата по воспитна група и да има 10 минути период за прием помеѓу воспитните групи доколку влегуваат на исти влез
  • Да се обележи пред секој влез на објектите растојание од два метри за родители при предавање на деца (само еден родител кој носи заштитна маска)
  • Задолжително мерење температура со бесконтактен термометар на вработените при влегување во установа и воведување на задолжително миење на рацете или дезинфекција
  • Задолжително мерење температура со бесконтактен термометар на децата при прием во установата и задолжително миење на рацете
  • Да се обезбеди растојание од 1,5 - 2м меѓу масите за седење на децата
  • Да се обезбеди креветче и по две постелнини за секое дете
  • Да се стават едукативни постери со препораки за превентивни активности на истакнати места
  • Вработените задолжително да носат заштитни маски на своите работни места
  • Да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти
  • Воспитните групи за деца до 2 годишна возраст да имат максимум по 6 деца и двaјца вработени во смена
  • Воспитните групи за деца од 3 до 10 годишна возраст да имат максимум по 15 деца и двaјца вработени во смена
  • Секој родител да достави лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете
  • Да се организира престојот на децата на таков начин што ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца (сместени во одделни простории) во согласност со можностите, игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено во мали групи
  • Не дозволувајте собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории
  • Лицата кои доставуваат храна задолжително да носат заштитни маски и ракавици, храната за децата да се остава пред занималната, а децата да јадат во својата занимална со предходно направена дезинфекција на масите
  • Установата да обезбеди потврда од родителот/ите дека работните задачи задолжително мора да ги извршува/ат на работното место, без можност за работа од дома

Воспитно/згрижувачкиот кадар

  • Секој вработен мора да носи задолжително лична заштитна опрема (маска) кога е на работно место
  • Практикување на често миење на рацете и посебно внимание да се посвети на потребата од засилени хигиенски мерки во случај на миење, хранење, држење во рацете на децата
  • При јадење не дозволувајте децата да споделуваат храна едни со други
  • Не користете играчки што не се перат и дезинфицираат, особено меки играчки (платнени, плишани) истите да се отстранат од групите/занималните
  • Не мешајте играчки помеѓу воспитни групи и деца пред да се измијат и дезинфицираат. Воспоставете јасна постапка за миење, дезинфекција и отстранување на чиста и „валкана“ - користена играчка за да го спречите вкрстувањето
  • Воведете задолжително миење на рацете на деца при прием и почестo миење во тек на денот, а задолжително после кивање, кашлање, плачење, пред и после консумирање храна и одење во тоалет
  • Воведете задолжителен надзор на децата при миење на рацете
  • Кога менувате пелени во помалите групи, строго почитувајте ја постапката за одржување на хигиената на рацете пред и после менувањето и отстранување на пелени. После промена на пелена, направете миење на рацете на детето, како и миење и дезинфекција на површини и конечно миење на рацете по постапката
  • Кога користите средства за дезинфекција, земете ја предвид правилната примена во согласност со упатствата на производителот во врска со целта, концентрацијата, начинот на употреба и потребното време за контакт
  • Средствата за дезинфекција се чуваат надвор од дофат на децата
  • Редовно, во согласност со временските услови отворајте ги прозорците, особено во просториите за деца. Не користете вештачка вентилација
  • Пасивен одмор - организирајте го спиењето така што децата да бидат поставени на креветите според принципот „нозе - глава“ со препорачано растојание од 1,5 - 2м. Обезбедете единечни кревети и постелнина за секое дете, и истите да бидат обележени со име на детето, строго водете грижа да не се мешаат
  • Спроведувајте засилени воспитни активности со деца, со цел да се олесни разбирањето и усвојувањето на новите правила за заштита од вирусите и стварајте навики кај децата за лична хигиена за важноста на често и правилно миење на рацете (минимум 20 секунди - на пр. со песна), кашлање и кивање во подлактицата за просторна дистанца за која треба да се размислува преку игра на деца - ставете ги да седат на растојание едни од други - на пр. да вежбаат да ги истегнуваат рацете и да ги мавтаат со крилјата за да не допрат, да избегнуваат да го допираат лицето и др.
  • Контролирајте ги причините за отсуство на деца, контактирајте со родителите, а доколку е потребно и со матичниот педијатар или лекар од надлежниот центар за јавно здравје
  • Не спроведувајте организирани групни активности во објектот (настани, итн.), како и организирана посета на места каде што се очекува да се соберат голем број на луѓе (кина, театри и сл.)
  • Во случај на здравствени промени кај згрижените деца, треба да се преземе следново: изолирајте го детето во просторијата за изолација, веднаш известете го родителот/старателот, доколку детето има температура се препорачува мерењето на температурата да биде со безконтактен термометар, доколку температурата на телото се мери со обичен термометар, потребна е дезинфекција на термометар како и миење или дезинфекција на рацете
  • Проверете го здравјето на другите деца во групата и изолирајте ги сите сомнителни случаи
  • Во случај на потврда на инфекција КОВИД-19, не го користете местото каде што престојувалo лицето. Да се извести надлежната епидемиолошка служба во ЦЈЗ која ќе даде понатамошни насоки за функционирање на установата
  • Се препорачува да се избегнуваат игри и активности во кои има контакти, игри со топки како и размена на лични предмети играчки и слично
  • Доколку е возможно, децата од воспитната група да го користат исклучиво тоалетот на нивната занимална
  • Се забранува влегување на други возрасни лица освен одговорните лица на групата

Родителите

  • Родителите при носење на децата во градинка задолжително да имаат заштитна маска
  • Да го почитуваат утврденото време за носење на детето во установата како и просторната дистанца при предавање и земање на детето
  • Носење и земање на детето од градинка да го врши само еден родител освен во исклучителни ситуации со најава да биде друго лице
  • Доколку родителот забележи појава на симптоми кај детето (зголемена температура, повраќање или пролив и др.) да не го носи детето во градинка и веднаш да се консултира со лекар
  • Родителот/родителите пред повторно да го вклучи детето во градинката потребно е да достават потврда од работодавач дека работните задачи задолжително мора да ги извршуваат на работното место
  • Родителот да обезбеди лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19740 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.