Почетна » Новости » Актуелно » По 13-ти пат Фестивал на музика од светот во Битола

По 13-ти пат Фестивал на музика од светот во Битола

Овој викенд, Битола ќе биде музички центар на единствениот фестивал во нашата држава, кој ја слави музиката која влегува во категоријата „world music“, традиционална музика на секој народ на светот која има глобален карактер и припаѓа на светското културно наследство.

Три дена музика, концертни амбиенти и сите фестивалски луѓе заедно и на официјалната програма на големата сцена на Центарот за култура кој е организатор на фестивалот и во ОФФ програмата која ќе се случи во Клубот Јагода, кој е центар на електронската музичка сцена во овој град.

Фестивал на музика од светот

Новото разбирање на културата на звукот за овој музички жанр, зачнато е во почетокот на 80-тите години како компромис помеѓу традиционалните музички култури и современите музички текови. И ова е музичката мисија која ја негува овој фестивал.

Оттука, селекторот Владимир Димовски, годинава се одлучи за програма која ќе биде патување од танго, преку џез, до етно звуци од Балканот и македонски шлагери, како и вклучување на електронската музика во неофицијалната програма.

На првиот фестивалски ден ќе настапи LIBERQUATRO TANGO ENSEMBLE од Србија.

Состав кој тангото го комбинира со џез во мелодиски и ритмички обрасци кој се фаворизира ширум светот под именителот на „world music“.

Фестивал на музика од светот

Балканскиот славеј, Билјана Биља Крстиќ, во сабота, на втората фестивалска вечер ќе настапи придружувана од Камерниот оркестар на Битола. Светски познатата српска пејачка има издадено повеќе албуми.

Нејзината музика е ставена на листата на „world music“ оттука и нејзиното присуство на овој посебен фестивал.

Фестивал на музика од светот

На последната фестивалска вечер, грст македонски евергрини ќе испеат вокалните солисти Бојан Стојков, Димитар Андоновски, Јасна Димитровска, Зарина Прва Севда, Тамара Стојковска и Нико Ѓоргиевски на концертот на Битолскиот дувачки оркестар.

Фестивал на музика од светот

„Музиката ја има таа моќ да не прошета низ минатото, сегашноста и иднината, да ни открие цели светови и да не сокрие во еден подобар универзум.
Нашиот фестивал силно ја прегрнува музиката од светот, и го отвора срцето на градот, претворајќи го во лулка на уметноста. Во трите фестивалски денови ќе се слеат различни музички правци, а нашиот фестивал ќе стане пристаниште на домашни и странски уметници кои го говорат универзалниот јазик на музиката.“
„Радост е да бидеш директор на Фестивал на музика од светот, особено во едно време на предизвици, кое не потсети на минливоста на животот и бесмртноста на уметноста. Затоа нека живее уметноста која ќе го спаси светот и ќе го обои во боите на надежта" - напиша Маја Андоновска Илијевски во каталогот кој го издава фестивалот.

Маја Андоновска Илијевски

Фестивалот последните години има и своја ОФФ програма, годинава локацијата за истата е центарот на електронската музика во тој регион, Клубот Јагода, со гости ДЏ артисти од Грција и домашна локална поддршка. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Општина Битола.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19785 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.