Владата на денешната седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет рестриктивни мерки и препораки за периодот од 18 декември до 20 јануари на полноќ.
Со новата мерка „Празнувај одговорно“ се скратува работното време на угостителските објекти до 18 часот.
„Овој пат мора да избереме меѓу задоволството и профитот од една страна и одговорноста и здравјето од друга страна“ – рече премиерот Зоран Заев.
„Да ја пречекаме Новата година како одговорни граѓани и да ги празнуваме божиќните и другите празници со пораката што е содржана во нивната суштина – Надежта и вербата во подобро утре“ – порача тој.
Министерот Венко Филипче ги претстави и останатите мерки и препораки.
„Скратување на работното време на угостителските објекти до 18 часот, забрана за организирање новогодишни настани на плоштадите од страна на општините, забрана за организирање на новогодишни или предновогодишни прослави од работните организации, укажување на верските заедници да не повикуваат на масовни групирања и собири за време на претстојните верски празници и останува препораката да нема собирање по домовите и сепак, препораката да нема собири во викендиците“ – изјави тој.
Исто така, Филипче апелираше да не се излегува без некоја потреба од домот по 18 часот.