Состојбите на глобалните нафтени пазари се менуваат секојдневно, цените постојано се зголемуваат, а како резултат на тоа, снабдувачите се соочуваат со проблеми при навремената достава на горива до своите партнери.
- Побарувачката на горива во земјава изминативе денови е енормно зголемена, а меѓу главните причини за тоа се шпекулациите и гласините во јавноста дека ќе има недостаток, како и цените на светските берзи. Дополнително, снабдувањето беше отежнато затоа што нашиот дистрибутер „Окта“ во недела не работи. Исто така, и во Грција, од каде што се набавува горивото, недела е неработен ден, а и овој понеделник е државен празник. Сето ова придонесе да се појави привремен недостаток на дизел-гориво на некои наши бензински станици - истакнуваат од „Макпетрол“.
Компанијата денеска, уште во раните утрински часови, го обезбеди сето расположливо гориво од „Окта“, а истото во текот на денешниот ден и во ноќните часови ќе биде испорачано на локациите на „Макпетрол“.
Очекувањата се дека снабдувањето со сите видови горива на бензинските станици на „Макпетрол“ во следните денови ќе се нормализира.