Од атлетиката ни доаѓа една одлична приказна, истата ја красат две прекрасни дами, кои секојдневно испишуваат успеси во светот на спортот.
Судбината сосема случајно ги споила Александра Зикова, претседателката на Атлетската федерација на Македонија, и Дрита Ислами, една од најуспешните атлетичарки во нашата земја. Заеднички за овие две инспиративни жени се желбата за успех, мотивот да се претставува својата земја во европски и светски граници, професионализмот и посветеноста.
Зикова успешно ја предводи Атлетската федерација на Македонија додека пак Ислами, токму со помош на Александра, зачекори сигурно по атлетски патеки. Дрита неодамна урна државен рекорд на 400 метри со пречки, го освои Европското првенство – трета дивизија.
Двете сосема случајно се запознале и тоа во Грузија.
Дрита: Нашата прва средба беше случајна, се запознавме на Европскиот Куп 3-та лига во Грузија во 2014 година, делевме иста соба. Александра ми остави многу добар впечаток како личност. Од тогаш немавме контакт се до крајот на 2015 година кога имав проблеми со поранешниот тренер и се одлучив да направам голем чекор во мојата кариера, да го сменам тренерот бидејќи се ближеше Олимпијадата. Сонував да учествувам на ова големо натпреварување, па требаше да се подготвувам. Многу сум среќна што Александра прифати да работи со мене, бидејќи успеавме, сигурно сум дека немаше да бидам тука кај што сум денеска.
Александра: Првата официјална средба со Дрита ми беше на Европскиот Куп во Грузија 2014 година каде што по некој случајност бевме цимерки. Можам да кажам дека за прв пат имав среќа да разговарам со Дрита, станавме одлични пријателки и покрај разликата во години меѓу нас. Постојано бевме заедно на тренинг. Дрита таму истрча личен рекорд, заедно го прославивме, бевме заедно на шопинг и така некако почна во суштина нашата комуникација.
За добра спортска приказна треба посебна дарба
Александра, што препозна кај Дрита како млада атлетичарка?
Александра: Кај Дрита како да младата талентирана атлетичарка, најпрво можев да го приметам начинот на кој што трчаше. Има еден лесен стил на трчање, кој што нормално дава резултати, таа има една природна вродена брза издржливост, што пак е многу специфична и малкумина луѓе ја имаат таа дарба. Дрита беше личност која што не сакаше да се измачува на трка или пак на тренинг. Бев сигурна дека со сериозна работа и со сериозен пристап може да се извлече максимумот. Сето она што Дрита го трчаше во тој период беше добро, како пионерка и младинка има постигнато неколку рекорди, но бев убедена дека има многу голем неискористен потенцијал.
Таа имаше лесен начин на трчање, лесни чекори, силна брзинска издржливост, но карактерно беше психолошки слаба, како што кажав, личност која сака да се штеди.
Рекордите не доаѓаат сами, за нив треба жртвување, а Ислами целото свое време го посветува на атлетиката.
Дрита, во која насока се одвива твојата кариера?
Дрита: Можам да кажам дека многу сум горда на моите успеси постигнати оваа сезона, моите резултати ветуваат многу за во иднина, кариерата ми се одвива во добар пат и се надевам така ќе биде и во следните години.
Исполнив европска норма за Минхен 2022, ме чека и светското првенство во Орегон 2022, Медитеранските Игри во Алжир 2022. Се надевам на успешна сезона следната година.
Која е твојата дневна рутина, какви тренинзи бара професионалната атлетика?
Дрита: Тренирам редовно, секој ден, често пати - два пати на ден, тренинзите траат околу 2 часа. Многу сме посветени на тренингот, како јас, така и Александра, верувам во нејзе и во нејзината програма, која е најважна.
Мојата дневната рутина е едноставна: Дома—>Стадион—> Дома —> Теретана—>Дома.
Искрено кога сум во тренажен процес не правам ништо посебно, сакам да сум одморена и фокусирана на тренинг.
Со текот на времето Александра и Дрита станале како семејство
Се дружите ли надвор од секојдневните обврски/тренинзи?
Дрита: Нормално имам и свој приватен живот, но имам многу тесен круг на пријатели околу мене. Најчесто се дружам со Александра, која ми е тренер на стадион и многу блиска другарка надвор од него.
Александра: Релацијата тренер-атлетичар е многу јака, особено кога имате високи цели. Во тој случај и тренерот и атлетичарот треба да бидат многу посветени кон целта која што треба да ја остварат, но и треба да веруваат едни во други. Таа доверба со Дрита ја изградивме, со неа се дружиме интензивно особено кога во периодот кога немаме многу натпревари или подготовки, тогаш можеме заедно да одиме и на кафе.