„Жан Митрев Клиника“ заслужено прерасна во синоним за најдобра грижа, прецизна дијагностика и бескомпромисна професионалност. Клиниката, која останува посветена на зголемување на базата на задоволни пациенти, денеска прославува 22 години постоење.
Од визија и почетоци до извонредност во грижата за здравјето
Во сега веќе далечната 2000 година, во еден изнајмен дел од Воената болница во Скопје, беа поставени контурите на специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“, чие огнено крштевање беше одбележано со првата бај-пас операција во Република Македонија, предводена од академик д-р Жан Митрев.
Од самиот старт, беа поставени високи стандарди и се отворија нови хоризонти во македонската кардиоваскуларна хирургија. Салата со која започна (една на број!) и 12-те болнички кревети, еволуираа во најсовремен медицински центар со комплетни дијагностички процедури во повеќето медицински гранки, поддржани со услуги од модерната хирургија, анестезија и интензивна нега.
Две децении подоцна, Клиниката е вистински пример за остварување на една визија: да се пружи врвна медицинска услуга согласно највисоко утврдените стандарди во светски рамки.
„Жан Митрев Клиника“ е сместена во нов, ултрамодерен објект, инвестиција од 40 милиони евра, во кој главна мисија е фокусот на развојот на болницата и постигнување на највисок можен квалитет во услугите. Клиниката се простира на 17.000 м2, располага со повеќе операциони сали, одделенија за интензивна и полуинтензивна нега. Изградена е плански, согласно намената и ги задоволува највисоките еколошки стандарди без CO2 отпечаток (carbon footprint). Комплетно е дигитализирана, хартија скоро и да не се користи во секојдневното работење.
Клиниката континуирано ги следи најновите трендови и стандарди од аспект на подобрување на работните процеси и безбедност на пациентите од лекарска грешка и интрахоспитални инфекции.
„Потврда за успешноста е и фактот што во 2020 година, дури и во време на пандемија, по втор пат добиваме акредитација со златен печат од „Joint Committee International“. Следејќи ја новата технологија во медицината, клиниката располага со најнови медицински апарати, како што се уролошки ласер за литотрипсија, најсовремени дијагностички апарати за магнетна резонанца, компјутерска томографија и 3Д мамограф за томосинтеза - вели академик д-р Жан Митрев.
„Во овој изминат период се појави потребата и од регионалнa присутност. Затоа минатата година беа отворени два големи дијагностички центри под брендот Жан Митрев Дијагностк најпрво во Струмица, а потоа и во Битола. Имено претходно постоечките поликлиники беа комплетно реновирани, ребрендирани и со проширени капацитети и број на дејности. Истите се опремени со технолошки најсовремени апарати КТ, МР, РТГ, ЕХО. Во биохемиските лаборатории се вршат детални крвни анализи. Располагаат и со дневна болница за згрижување на пациенти и амбулантни возила. Целта за отворање вакви центри е да се гарантира нивото и квалитетот на нашите услуги локално и секако да им помогнеме на пациентите да се чуствуваат подобро, посигурно и посреќно“ - дополнува угледниот основач на Клиниката.
„Горди сме и на нашата нова инвестиција – Центарот за естетска дерматологија, кој претставува сеопфатен медицински и козметичко-дерматолошки оддел кој нуди целосен спектар на медицинска и хируршка нега, како и естетско подобрување“ - појаснува успешниот хирург.
Клиниката „Жан Митрев“ континуирано вложува во постојана надградба и едукација на своите вработени, создавајќи врвни кадри подготвени да се соочат со сите предизвици.
„Следејќи ја новата технологија во медицината и работа со најнови медицински апарати, ние создаваме кадри овде, што претставува една многу долгорочна инвестиција на која всушност се базираат нашите одлични резултати. Реално, имаме доктори кои се далеку поподготвени и со многу повисоки професионални перформанси од многу доктори од Германија“ - вели д-р Митрев.
Меѓу првите во Европа, „Жан Митрев Клиника“ оформи генетска лабораторија и ги доближи различните генетски испитувања во рутинската секојдневна пракса. Во оваа лабораторија се испитуваат најчестите 33 патогени бактерии и вируси при прием на пациентите во болница, меѓу кои и Ковид Сарс. Комбинацијата на индивидуален пристап со фармакогенетика т.е. толеранција/нетолеранција на одредени лекови беше почеток на примената на персонализирана медицина специфична за секој пациент со што се спречуваат можните фатални последици по пациентите. „Жан Митрев Клиника“ прва почна и со примена на прочистување на крвта или т.н. хемофилтрација која сега се имплементира и кај пациенти кои се борат со сериозни последици предизвикани од коронавирусот.
„Мислам дека сè уште и после толку години, луѓето малку знаат што всушност имаме овде од аспект на здравствени услови и стандарди. Воспоставив една секојдневна работа и лекување на најтешко болни со применети највисоки стандарди. Успеав тие услуги да бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување, пациентите да се лекуваат без да треба да плаќаат дополнителни средства. Иако само во кардиохирургијата, сепак ова е пример, т.е. покажува колкав потенцијал за развој на здравството постои, ако се променат условите на функционирање“ - објаснува академик д-р Митрев.