Вања Атанасов си го оствари сонот да го заврши најтешкиот триатлон познат како „Ајронмен“ и гордо напиша дека „сè е возможно“.
Во Италија, инспиративниот битолчанец исплива 3,8 километри, извози со велосипед 180 километри и истрча 42 километри за 12 часа и 47 минути за да стигне до финишот на трката, која тој ја нарекува „триатлонски Еверест“.
Со пост на Facebook, Вања раскажа за својот голем потфат, при кој клучни биле вербата, волјата и инспирацијата.
Отсекогаш се воодушевував и се прашував какви се тие луѓе што можат да го изработат ова. Сега сфаќам дека се најобични како секој еден, само силно посветени и инспирирани, ништо повеќе.
Иако Битола нема ни затворен базен, патеки за трчање, ниту пак триатлон клуб или тренер кој може да те спреми или советува за ваков тип на предизвик, сепак јас си докажав дека нема граница и дека сè е до нас, нема изговори.
Баш поради тоа дека само волјата и инспирацијата го направи ова, решив да пишам, за да можам и јас некого да го инспирирам и да ја запалам искрата на неговиот оган. Лично мислам дека инспирацијата ќе го спаси светот.
Кога сме кај мојата инспирација, не ја црпам од светски и професионални врвни недостижни атлети, туку од многу наши сограѓани, луѓе кои ги познавам и гледам - за мене херои како што се тркачи, пливачи, летачи, бициклисти, качвачи , без оглед дали се деца или возрасни, рекреативци или спортисти на нивните лични успеси и подвизи човек можи само да се диви.
Таквите луѓе го променија и мојот свет.
Мислам дека ако можеш да се промениш себе тогаш ќе се победиш самиот и со тоа ќе го смениш и светот во кој живееш. И така тој нов свет ќе биде инспирација за промена на некој друг свет, и за тоа не треба никакви пари и не треба ништо за возврат.
Инспирација исто имам и од оние кои не се повеќе меѓу нас, а биле со голема страст кон животот и биле дел од една таква приказна која влијае на мене.
Вања им се заблагодари на семејството и на сите коишто го поддржуваа во неговиот потфат и додаде дека со гордост го веел македонското знаме и ги носел името и симболите на Пелистер и Битола.
„Само едно знам, дека кај нас има врвни пливачи, атлетичари и бициклисти и дека ова нема да биде прва и последна ваква триатлонска приказна и дека допрва Битола ќе испишува инспиративни приказни, како што тоа и претходно го правела“ – додаде тој.