Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Хипохондрици, обединете се!
Мирисање оригами

Хипохондрици, обединете се!

Не разлистувам повеќе списанија кои содржат теми од областа здравје. Не се чувствувам удобно. Веќе од насловната страница чувствувам дека ќе ме удри дамла. До крајот на последната, посегнувам по едно аналгинче, витамин Ц, чаша вода и лажичка шеќер за да се освежам.

Дишењето ми станува тешко и почнува да ме стега во градите. Да драги луѓе, јас заедно со половина во оваа чудесна земја – сме горди хипохондрици, половина свесни, половина несвесни за овој факт.

Здравје

Чуму ми е да го читам списанието посветено на здравје, кога се пронаоѓам во секоја втора болест.

7 од 10 можни симптоми – аха, ги имам! Ту бре, за малку ќе извадев подобар процент, 8/10 или 9/10.

Сами се дијагностицираме со помош на чичко Гугл, земаме таблети на своја рака и го знаеме составот на секое можно апче и сируп. Таблетоманска нација, ретко која друга може да се пофали со толкаво фармацевтско знаење. Сам свој лекар.

Во принцип си патиме најмногу од главата. И од времето, секако. Баба ми точно знае кога ќе заврне, зашто ја врти коленото. Или кога ќе огрее сонце, оти ѝ бучеле ушите.

И покрај сета наша претпазливост, информациите со кои располагаме за здрава храна и што е корисно за нашиот организам (можеме да напишеме секој поединечно трилогија), ставајќи ги кока колата, пицата, зденките на црната листа на производи, во вечна дебата за сојата, верни консуматори на ѓумбир и брусници и аронии – никогаш не сме биле понездрави и поболни.

Што ми е мене гајле што маргаринот имал една молекула различна од пластиката? Божем тоа сознание ќе ме натера да прекинам со користење на стариот добар Кристал врз кифличките и во тортите?

Навистина има реалност и логика во тоа дека незнаењето донекаде те прави посреќен и побезгрижен.

Сега веќе, од толку нови, достапни информации, саде нешто ни фали, сите сме болни од нови болести, нови мигрени, нови хоку точки за сопирање на главоболка, соларна јога, дрн дрн јариња, зрачење со чудото на Цептер... гледам баба ми со „осумдеска“ во личната карта само во соларни соби седеше на триножник.

Знам што ќе ми контра-аргументирате – ама баба ти го имаше ли ова темпо на живеење, овој стрес, и да – го немала, ама и нејзе не ѝ било страшно лесно. Времињата биле други и јасно е дека се промениле, но чувствувам дека ние го прекардашивме, со толку симптоми, апчиња, витамини и жолчно инсистирање на здрава исхрана и навики.

Сите сме хронични хипохондрици, или на раб на болеста, а сме понездрави од кога и да било. Сервилни, сенилни и стерилни во секој можен поглед. И Супермен би ни позавидел на ова трипл Ес.

Не сум целосно излечен хипохондрик. Освен самодијагностицирањето на Гугл кое го отпишав, понекогаш дозволувам погледот да ми отшета до некоја корисна информација за здравјето, но не се држам грчевито до истата, по секоја цена.

Ќе излажам ако кажам дека не пијам таблети на своја рака. Таа навика чувствувам дека ќе се искорени малку потешко. Што би рекла бабата на мој најдобар другар на прашањето – бабо, зошто ги пиеш сите тие апчиња? – „Сине, оно ќе си го најде патот каде што треба“, покажувајќи со раката околу стомакот.

P.S. Мојата баба има преживеано една светска војна. Ако тоа не е стрес – не знам што е...

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19729 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.