Ќе парафразирам стих од една македонска поетеса кој на времето ужасно многу ми се допадна. Одеше од прилика – „Сите мои самовили од детството остареа, се здебелија и се пропија“...
Некако многу се поистоветив со оваа мисла. Не само што самовилите на кои се угледував или се здебелија или пропија, туку ме разочараа, а ме разочара и мојата лекоумна перцепција на овие ликови кои сум ги глорифицирала во моментите кога мозочето не ми било доволно развиено.
Би сакала да кажам дека Јованка Орлеанка или Марија Кири Склодовска, па дури и Мара Попара ми биле хероини и примери за идол, ама ќе излажам.
Да ги најавам на сцената...
Пепелашка
Бев фасцинирана од цртаниот филм уште од најмала возраст. Мадам Снежана ми беше ужасно антипатична, бидејќи за мој вкус беше премногу распеана и не мрдна со малиот прст за својата судбина. Касна од јаболкото, скрсти раце, чмаеше и чекаше некој да ја спаси. Ден денешен ја мразам, сметам дека е неморална и во мозокот имам скроено заговор за сексуален октет кој ја вклучува неа и џуџињата. Бизарно, знам.
За разлика од неа, Пепелашка самата се спаси, се трудеше бре, вредна и борбена, амбициозна и посветена на мисијата да се измолкне од бедата. Сè до вториот, очаен дел од цртанот, каде што Пепелашка, сега веќе принцеза, исто не мрдна со прстот, освен да ѝ најде дечко на една од грдите сестри.
Заборави како ти беше таму во пепелта, невоспитана една. Сега си принцеза, и тоа подразбира дека не треба да работиш ништо, освен да бркаш дечковци за грди девојки.
Многу се разочарав.
Џулија Робертс
Години подоцна откако Ричард Гир ја спаси Убавата жена од канџите на најстариот занает на светот, сфатив што точно работела душичката и дека тие гумени работи што ги вадеше од високите чизми – не биле гуми за џвакање, ами поинакви. И попусти беа сите други квалитетни улоги во кои таа глумеше девојка за восхит и почит, мене ми се допадна токму таму, а тоа таму беше локација со расипан морален компас. Оваа хероина со огнена гривна неславно заврши во мојот тефтер, закопана повторно со мојата магловита перцепција кога се работи за идоли.
Вистинската
Таа е емотивна, но храбра и борец. Нејзината сила се крие во цврстината на умот. Не, не е тврдоглава, едноставно е психички цврста карпа, која не попушта пред никого и ништо.
Специјалист за умирање цвеќиња. Секоја нова саксија ја прави парче, а цветовите се подготвени за хербариум.
Приврзана за домот и ретко приземјена нефантазерка, чуден спој на груба сила и плачка за најмали тривијални ситници, како Бандини или некое детско песниче.
Гласна е и бучна, забавна и се смее ѕвонливо. Со математика и логика е скарана и не знае да преминува правилно улица. Кога одам некаде со неа, цврсто ја држам за рака и постојано ја прашувам како поминува улици без мене.
Таа е неуморна, праведна и многу вредна. Има некоја господска нишка во себе, сака беспрекорно бел чаршав, креативна и вешта, сама си измислува нови работи, а поправа расипани, додека јас се мачам со едно обично копче.
Галантна е, со беспрекорно око за детали и неверојатно чувство за гурмански деликатеси.
Таа е веројатно најголемата ноторна вистина на светот. И кога ќе ве прашаат која е најдобрата, а вие без размислување одговарате – мојата, тоа е вистинскиот одговор, почеток и крај. Рамо за плачење, бескомпромисна љубов и поддршка, најдобар пријател и советник. Таа со сигурност е единствената што ви мисли секогаш најдобро и не грижете се ако ова звучи како старомодно клише, сè додека зборовите ви ги стоплуваат срцето и рацете.
Вашата благодарност може да ја искажете преку зборови, прегратка, насмевка, утринско кафе помеѓу сончевина или ладна лубеница во ладовина. Само погрижете се да ја дознае нејзината вредност навреме.
Мајка.
Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.