Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Сине, биди студент!
Мирисање оригами

Сине, биди студент!

Оној комичарот од Битола имаше сјајна шега на времето, посветена на факултетските поданици.

„Јас студирам по ЕКТС... IV-та сум, ама имам уште 8 испити од I-ва година“.

Што остана да се каже повеќе?

Ќе се обидам да сумирам во една куса реченица: Од свиња со самар, магаре не бидува.

Не е секој за на факултет и тоа е вистината, па макар болело колку и неотплатениот кредит подигнат специјално за таа намена.

Факултет

Не велам јас дека во мојата генерација сите пукаа со знаење или можеа да се пофалат со огромен умствен капацитет. Имаше рој глупави и неспособни деца, некои не го ни завршија, некои одвај се провлекоа после не знам колку години, ама погодете што? Не се дрзнуваа себеси да се нарекуваат магистри со 5 години на факултет.

Пред да настапи срањето во боја наречено ЕКТС, ја имав среќата да бидам последната генерација која полагаше приемни испити за упис на факултет. Концептот студент за мене подразбира да го запотиш задникот, да седнеш и да научиш 500 страници материјал, во временска рамка која ти ќе сметаш дека ти е доволна, да отидеш на испит и да покажеш што си научил. Некои од испитите се делеа на максимум 2 колоквиуми, но предизвикот, барем во моето време, беше да појдеш на цел испит во јуни и да фатиш услов за септември. Тоа беше можеби најверодостојната пресуда дали воопшто те бидува за студент или можеш да се спакуваш и да си го бараш чарето.

Веднаш по мојата прва факултетска година завладеа чумата ЕКТС. Ние бевме етикетирани како оние од „старата програма“ и константно им дававме предност на „новите“. Им ги укинаа влезните колоквиуми, конкретно на правниот факултет, па беа лишени од стресот дали ќе си овозможат билет за полагање на испитот. Материјалот им го расцепкуваа на минимум 4 колоквиуми за еден предмет. Па поправен на колоквиумот. Па поправен на поправниот. Чуда.

Низ ходниците не можевме да се разминеме од новиот бран на студенти, кои потсетуваа на селски пазар, додека се ценкаа за поенче и повисока оценка со професорите низ тесните ходници. Зашто одеднаш преку ноќ, стана така лесно и едноставно да бркаш висок просек. И срамота да не земаш стипендија.

Се ловеа поенчиња од домашни, проекти, присуство и глупави семинарски трудови кои механички се штанцаа и се пренесуваа од еден на друг студент.

Секој е денеска студент, и со ваква програма, секој и ќе заврши. Ваква неписмена факултетска нација ретко се наоѓа.

Ме иритира нашето образование, не го сметам повеќе ниту за квалитетно, а ниту пак во квантитетот е како што беше некогаш. Можеби медицинскиот, архитектонскиот или факултетот за електротехника сè уште успеваат да излеат некој квалитетен кадар, поради обемот и специфичноста на студиите. Сè друго бара под итно строга селекција.

Ќе кажете – секој има право на шанса. Не, нема.

Не знам што е најпаметно, психо-тест или тест за интелигенција, па дури потоа испити за упис, зашто со оглед на тоа какви имаше во мојата група, какви личности завршија факултет и допрва се китат со титули, а утре ќе дојде ред да предаваат на моите и вашите деца, да ви ги земаат работните места и да ве услужуваат во одредени институции и сектори, размислете двапати пред да кажете – секој има право да студира.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19743 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.