Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Последното танго во Скопје
Мирисање оригами

Последното танго во Скопје

Со главниот град играме танц на заведување веќе 14 години наназад. Понекогаш му дозволувам да води, и тогаш, иако премногу ретко, успева да ме заведе со културни активности кои го одземаат здивот, ми го активираат мозочето и воодушевено споделувам импресии со пријателите. Со еден збор - ми дозволува ментално да оргазмирам.

Остатокот од времето воопшто и не тaнцуваме. Подот е валкан, воздухот нечист, а публиката околу нас апатична, со киселкаст мирис во устата, како последната зелка на дното од бурето.

Непостоечката клубска сцена, толку зборувана, а сепак невидлива и недопирлива.

Позери и шминкери на секој агол. Здрвени порцелански кукли, кои половина од времето го поминуваат окупирајќи го тоалетот, а втората половина бесрамно зјапајќи во другите жени низ просторијата (наместо во мажите). Да си ги одмерат чевлите, чантите и сјајчињата за усни. Или која има поголем чорап скриен во пунџата.

Танго

Ја изгубивме смислата за забава, некаде помеѓу стравот и желбата да се покажеме во беспрекорно добро светло, пред сосема непознати лица. Спласна концептот за излегување и вистински ноќен живот, како неуспешна торта на која ѝ недостасуваат сите клучни состојки.

Вечерта понекогаш завршува уште пред вистински да започне, откако мрсно и неписмено билдерче на врата ти го забранува влезот во клубот. Твоите чевли не одговараат на таа рајска сцена која те очекува внатре. Твојата кошула е стара 6 месеци, марш назад! Самопрокламирани фејс детектори те испитуваат од глава до пети, само за да ти дадат до знаење дека – не си доволно вреден за ова фамозно место, во кое журката е како на Ибица. Ако не и подобра.

Вистината е дека одамна престанав да се стројам пред ваквите клубови и дискотеки. Ме оставаат со некое грдо чувство за себеси. Да појаснам посликовито – како овци кога се втеруваат во трло. Како магариња на сточен пазар.

Аплауз за сите трпеливи, кои упорно се враќаат секој викенд и бараат репете од порцијата.

Мене ми е доста. Немам повеќе сила за танцување. И онака никој повеќе не игра на забавите.

Моите тестенини со пилешко и маслинки, наспрема бајати фурнаринки со безобразна цена од 200 ден.

Винце покрај свеќи и месечина (бесплатна е), наспрема лимон и текила со вкус на шпиритус, на шанк во чија близина санитарниот чвор те штипе за носот и ти се заканува дека ќе ти ги откорне веѓите.

Убава и квалитетна книга или филм во секое време, наспрема таа идиотска претстава која глуми бенд и ти праќа покана за свирка.

Сите мои серии и блиски пријатели на опуштено кафе или пивце премерени на кантар, наспрема треската во сабота навечер во Скопје.

Погодувате која страна на кантарот натежнува?

Мака ми е што градот се труе во шаблон и невидена досада и мака ми е што ме советуваат добродушно – направи си сам да ти биде интересно.

Тоа го можам секогаш и секаде. Прашањето е – како градот ќе направи мене да ми е интересно? Нели идејата е после напорен и истоштувачки ден да излезам, и забавата и случките да ме понесат толку многу, што ќе ми приредат вечер за паметење, без самата грчевито да се трудам од петни жили да измолкнам слики вредни за обликување трајни спомени и добро поминато време.

Јас само ставам рецки на многуте вакви неуспешни обиди.

Надраснато и прекиснато ми е целото, жаргонски искачање, и јавно изјавувам дека подобро би се забавувала везејќи гоблен или чистејќи ги фугите во тоалетот со стара неупотреблива четкичка за заби, отколку таму.... надвор.

Уа за таму надвор.

Палче нагоре за креветот, убавото кафе и добрите книги.

И Љубовта и бесплатните прошетки на сонце, и возењето велосипед, и ширење на мозочните вијуги со театарски претстави, наспрема бесни, мрсни журчиња, со небањата, запотена и некултурна публика.

Мојот убав свет.

Никому не го давам.

И ве советувам да си скроите свој.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19729 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.