Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Покондирена тиква
Мирисање оригами

Покондирена тиква

Изразот ми е врежан во меморијата уште во четврто одделение, кога ја одиграв Фема во училишната претстава. Признавам, на почетокот не знаев што точно опишува, но како се внесував повеќе во ликот, дури и како мало десетгодишно девојче ми стана кристално јасно, дека Фема е - плитка, патетична и за смеа.

Седумнаесет години подоцна го чувствувам истото, зачинето со доза бес и емпатија за ваквите.

Покондирена тиква во најкратки описни метафорични црти: опинок кој се замислува дека е лакирано чевличе. Но, заборава на калта која ја влече налепена на ѓонот и ситните прашини на врвот, додека бесрамно гази врз несреќниците, кои ја немале среќата да се збогатат преку ноќ.

Покондирена тиква

Се забораваат старите крпени алиштенца, празниот фрижидер и грстот неплатени сметки и кредити. Врзувањето крај со крај станува еден горчлив и далечен спомен. Се забораваат добрите луѓе и услугите, подадената рака за помош. Оние кои го свртеле грбот, го исклучиле телефонот или ги игнорирале, стануваат најдобри пријатели.

Оние пак кои им помагале, според непишано правило стануваат „љубоморни и несреќни“ поради „тешко стекнатото богатство“ и се отстрануваат од именикот.

Немаме повеќе заеднички допирни точки – јас летувам во Охрид, а ти во Мароко.

Јас наздравувам со евтино вино, ти со шампањ. Јас купувам маички на попуст, ти одиш во Милано на шопинг и бесрамно трошиш како од дупнато, како да ти е последно, заборавајќи ги деновите кога ги прибираше ситните парички од дното на касичката, за да излеземе на кафе.

Но, проблемот не лежи тука. Никој не љубомори за твоето приватно сепаре, новиот автомобил или твоите брендирани очила за сонце, кои вредат колку месечниот буџет на три просечни семејства.

Проблемот се состои во тоа што покондирената тиква не знае како да се справи со новостекнатото богатство. Човечноста, благодарноста, понизноста и домашното воспитување се ставени на тест.

Тиквата на секој од испитите добива чиста факултетска петка.

Единствената мисла со која се опседнува е – како да се покаже и докаже дека не е повеќе опинок. Дека сиромаштијата била само несреќна и привремена ситуација, а не реално наследство од прадедовци.

Паричникот станува решение за сите проблеми. Љубовта и другарството, како и сè друго се на продажба, и ништо повеќе не е недостижно.

Агресивноста, недоверливоста и понижувањето на пријателите се само дел од новите карактерни особини. Менталниот склоп целосно им се менува и почнува да крои теории на заговор – дека секој сака да ги искористи, да ги прелаже или да им го потроши азното.

Баба ми велеше: „Дај му на човекот пари – и ќе видиш колку вреди“.

Покондирените тикви ми се неизбежен декор во секој можен агол низ градот. Можете да ги видите како ѕвонливо џиткаат клучеви на масата од бесни автомобили и кришум ја очекуваат вашата реакција. Ќе ги почувствувате по литар оригиналниот парфем во кој се избањале, мислејќи дека на тој начин ќе ја сокријат гнилоста на сопствената душа.

Ќе ги препознаете по арогантниот и препотентен став, кој не е зародиш од аристократска лоза, туку од незнаење и суетност. И пустата желба да се порасне во нечии очи, до ниво на Бог. Да влева стравопочит, за која мисли (како и за сè друго) дека е на продажба, и е негово легитимно право, само затоа што поседува дебела банковна сметка.

Додека се обидувате да ги соочите со реалноста и нивното однесување, веќе сте етикетирани како завидливи, користољубиви змии кои сакаат да им наштетат. Најдобро е секој мирно да си продолжи по патот. Ние - онаму каде што парите не ја диктираат нашата положба во друштвото, не купуваат љубов и другари, каде што сме човечни и слободни да бидеме онакви какви што вистински сме. Без лицемерност и маски, каде што не се плашиме да признаеме колку имаме или немаме. Каде што ме дружат заради таа која сум, а не заради облеката која ја носам, пијачката која ја нарачувам, местото каде летувам, куферот во кој ги пакувам спомените од одисејата наречена живот.

Тие – во светот во кој сè се врти околу шарените банкноти. Доколку некогаш ги снема, магично испаруваат и сите причини за нивното среќно постоење.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19726 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.