Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Македонштино, те љубам!
Мирисање оригами

Македонштино, те љубам!

Си ја сакам, ценам и почитувам македонштината. Своината. Кој како сака нека рече, ама наши сме си. Само дома си е дома, нели?

Маните си ги знаеме, како и раните на кои не треба да им се додава сол. Свесни сме дека си го носиме озборувачкиот ген, впишан во ДНК нишка од самото раѓање, а значењето на зборот СЕИР е многу тешко да му се објасни на некој туѓинец. Но, ние ги уживаме бенефитите од истиот секојдневно.

Македонија

Бучни сме, гласни, носталгични по минатото и тешко е да се објасни зошто навиваме за Ноле Ѓоковиќ како за свое дете, или ни потекуваат солзи од тага или смеа после дваесеттото гледање на „Лепа села, лепо горе“, „Жикина династија“ или „Тесна Кожа“.

Дел од навиките, како зајмувањето кафе или шеќер од страна на соседите избледеа и се претворија во архаични остатоци, а дел – како зајмувањето дополнителни столчиња за седење по повод слава, роденден или именден останаа и многу ми е мило поради тоа.

Точно знам кога соседот ќе заѕвони за столчињата, па со време ги пребришувам.

Моја драга виртуелна ем реална пријателка изјави дека повеќе се радува на тегла ајвар, отколку на донесена бонбониера. Аферим за муабетот. Да се одвои тегла ајвар е највисок степен на укажување почит. Особено заради неговата макотрпна изработка.

Од друга страна, се колнам дека бонбониерите и скапите вина само во Македонија имаат „шетачка“ тенденција. Кажувам од искуство – однесовме едно винце кај пријатели, кое за 5 недели си го најде патот до дома. Го познав по кесата, се надевам прошетало низ повеќе куќи, пред да се врати во домот од каде што изворно тргна.

Гагаџии сме, комарџии и задолжително наоѓаме некој познат, макар се нашле на улиците во Берлин. „Косооките“ веројатно се чудат како не сме сите роднински поврзани, со оглед на нашата скромна бројка од околу 2 милиони.

Уживаме во хедонизам изразен во најчистиот облик – салата, ракиичка и мезе. Десетка со кромид. Шопска. Боза. Сарма и ајвар. Си имаме ритуали на кои би ни позавидел половина од белиот свет.

Носиме скапи подароци на свадби, а половина од тие апарати не ги поседуваме за наша лична употреба, по некое непишано правило.

Правиме циркузи од обични прослави, гозби од обични ручеци, трагедии од обична драма.

Македончето кога сака – вистински љуби, кога мрази – со најгрди зборови куди.

Го љубам мојот народ. Тој е мешавина од крваво минато и сомнителна, неизвесна иднина, но цврсто стои на нозете, дури и кога сонува во боја.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20783 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.